Македонија
10. May 2016 - 8:44

Изложба на Маја Кировска - „Револуција на розовите пижами“

„Револуција на розовите пижами“ е насловена изложбата на Маја Кировска која вечер ќе биде отворена во галеријата „Флукс“ по повод наградата која галеријата  и ја додели на Кировска на минатогодишниот Саем за современа уметност Паратисима ­­­- Скопје. 

Изложбата е дел од уметничкиот проект кој Кировска го почна минатата година во сооработка со уметникот Ницан Хамерман од Израел. Проектот ќе се реализира во три етапи - првата во Македонија, втората во Израел, а потоа на неколку локации во странство. 

Почетната идеја авторката ја добила за време на нејзиното учество на уметнички камп на Малта организиран од УНЕСКО, на тема за предизвиците кои пред земјите од Медитеранот и Европа ги поставува интернационалната миграција, која е резултат на конфликтите во околните земји во изминатите години. 

Кировска и нејзиниот колега Хамерман размислувале за моќта и слободата на уметноста во актуелизирањето на глобалниот проблем со миграцијата. Заклучиле дека е потребна ненасилна активност која би ја прифатиле поголемиот број луѓе и би се ширела од еден до друг крај на светот за да се предизвика драстична промена.

- Испитавме различни можности. Зошто тоа да не биде носење розови пижами? Розовите пижами се предмет кој нема политичка, национална или верска конотација, па веројатноста идејата да наиде на свои непријатели е мала, тоа е еден вид гаранција дека нема да се јават пречки во процесот на ширење на акцијата. Да носиш пижами значи,  пред сè, дека живееш во нормални услови и имаш удобно место за спиење - кревет, па згора на тоа и розови. Кога сите луѓе би носеле розови пижами, тогаш светот можеби би бил поубаво место. Така настана идејата за Револуцијата на розовите пижами. Револуција на розовите пижами! Да нема повеќе војни!, вели Кировска. 

Како пилот-проект, за да се испитаат ефектите, влијанијата, коментарите и впечатоците на публиката, дел од концептот на оваа изложба првпат беше презентиран на 19 април на групна изложба во Чифте амам.