Македонија
27. May 2017 - 14:33

Две нови продукции во Велешки театар

Во Народниот  театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес во тек се подготовките на две нови театарски продукции. 

Како што појаснуваат од театарот, првата продукција е „Тирамису“, работена според истоимениот текст на полската авторка Јоана Овшианко, во адаптација и режија на Теа Беговска, како дел од Годишната програма на Театарот за 2017 година, поддржана од Министерството за култура на Република Македонија. 

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, а автор на музиката е Енес Беговски. 

Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Зорица Панчиќ, Талија Настова, Марија Стефановска, Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски, Душица Настова и Румена Шопова. 

Втората продукција е постановка на драмскиот текст „Пасивно пушење“ од Небојша Ромчевиќ, во режија на Јордан Витанов, како проект кој се реализира од сопствени средства на театарот.

Сценографијата и костимографијата се на Валентин Светозарев, кореографијата на Маја Каревски, а  авторската музика на Сашко Костов.

Во претставата настапуваат актерите Зоран Љутков, Фаик Мефаилоски, Александар Велјановски, Кирил Гравчев, Јордан Витанов и Весна Димитровска Бобевски. 

Од Програмата на Театарот за 2017 досега беа реализирани четири премиерни изведби: „Ана Комнена“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев, „Театар љубов моја“ од Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски, „Песни за татковината“, авторски проект на Петар Темелковски и „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.