Свет
10. November 2024 - 17:32

САД: Државен службеник им наредил на работници да не им помагаат на гласачи на Трамп по ураган

Надзорник на Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) е отпуштен затоа што им кажал на вработените кои им помагаат на жртви да ги заобиколат домовите со натписи за поддршка на Доналд Трамп.

Шефицата на агенцијата Дин Крисвел рече дека постапките на надзорникот се за осуда, нагласувајќи дека ФЕМА сериозно ја сфаќа својата мисија да им помогне на сите пред, за време и по катастрофи. Крисвел не прецизираше кога и каде се случил инцидентот.

Гувернерот на Флорида Рон ДеСантис изјави дека Одделот за управување со вонредни состојби ќе почне истрага. ДеСантис ја нарече ситуацијата насочена дискриминација на поддржувачите на Трамп во Флорида. Персоналот на ФЕМА беше во Флорида и им помагаше на жителите по ураганот Милтон минатиот месец.

Персоналот мораше да ја испита штетата на домовите за да процени кој има право да аплицира за федерална помош. Дејли Вајр во петокот соопшти дека персоналот на ФЕМА ги проверувал домовите во Лејк Плесид кога им било наредено да ги прескокнат имотите што во дворовите имале табли со името или слоганот на Трамп.

Крисвел нагласи дека ќе продолжи да прави се што може за да се погрижи тоа никогаш да не се повтори. Конгресменот Џејмс Комер најави дека ќе ја повика Крисвел на сослушување пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.

Флорида во изминатите неколку месеци беше погодена од два големи урагани. Најмалку 24 луѓе загинаа за време на Милтон, што остави милиони домови и бизниси без струја. Две недели пред Милтон, ураганот Хелена стана најсмртоносната бура што стигнала на копно во САД од Катрина. Повеќе од 200 луѓе загинаа, главно во Северна Каролина, каде беа уништени цели заедници.