Македонија
6. December 2016 - 15:14

Донација за децата со посебни потреби во Македонска Каменица

Претставниците од  интернационалниот клуб „Лајонс“ за потребите на новиот дом за деца со посебни потреби во Македонска Каменица, денеска донираа 100 илјади денари, средства кои се обезбедени од продажбата на новогодишните честитки кои овие деца ги изработија лани за потребите на рудникот „Саса“.

Директорот за развој и инвестиции во рудникор „Саса“ Максим Прохоров, кој е и член на клубот „Лајонс“, истакна дека оваа идеја за изработка на честитки од децата со посебни потреби за потребите на рудникот „Саса“ ќе биде реализирана и оваа година.

- Поттикнати од овој чин, ние бевме многу воодошувени од честитките изработени од рацете на овие деца и повторно ги замоливме да изработат новогодишни честитки, а во меѓувреме како член на клубот „Лајонс“, дадов иницијатива да реализираме една донација во домот, за да се опреми со она што му е потребно и децата да имаат убави услови за престој. Во оваа прилика изразувам голема благодарнсот до сите нив, рече Прохоров.

Даниела Тилиќ од клубот „Лајонс“ истакна дека оваа организација работи во полза на сите оние на кои им е потребна помош

- Честитките кои ги изработија децата, Лајонс ги отпечати и ги пушти во продажба. Приватни фирми ги откупија, а средствата ги користиме за донација за подобрување на условите во овој дом. Огрома чест и задоволство ни е што можеме да придонесеме за подобрување на условите во домот. Ова не е последна акција, ние ќе бидеме со срцата со овие деца, рече Тилиќ.

Градоначалникот Дарко Митевски рече дека оваа донација ќе биде наменета за да се набават потребните нагледни средства.

Домот за деца со посебни потреби го изгради општина Македонска Каменица, за што потроши 11 милиони денари од буџетот, а дел од опремата во износ од 1,3 милиони денари е обезбедена од МТСП. Домот ќе започне со работа до крајот на годината, а во него ќе бидат згрижени 50 деца со посебни потреби.