Во владината коалиција се разговара за промена на државниот грб
Постои политичка волја кај владините коалиционери за промена на државниот грб. Премиерот Мицкоски потврди дека владејачките партии ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Вреди го отвориле ова прашање но повеќе детали не открива. Премиерот потсетува дека ова не е нова тема, иницијативата потекнува уште од владата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во 2014г.
И од коалицијата Вреди сметаат дека државниот грб но и химната се од поранешниот систем и не ја отсликуваат реалната слика во државата. Од Вреди за Сител велат дека се подготвени, ова но и други прашања кои ги засегаат Албанците да се решат со измени во највисокиот државен акт.
„Неспорно е дека актуелниот државен грб сеуште се базира на елементи од поранешниот социјалистички систем, исто како што и актуелната државна химна не ја одразува реалноста. Коалицијата ВЛЕН е подготвена за разговори за евентуален поширок пакет на уставни измени кои ќе вклучуваат и прашањата за бришење на недостоинствената уставна формулација за употребата на Албанскиот јазик и амандман за спречување застареност на кривични дела сторени со политичка корупција.“
Засега власта не открива на кое ниво се отпочнати разговори и во која фаза е прашањето за промена на државниот грб.
Ваков обид имаше и во 2014 кога ВМРО ДПМНЕ и ДУИ на владина седница изгласаа одлука за носење на нов државен грб. Идејата тогаш беше националниот симбол да биде со црвен разгневен лав, во златно жолт штит и муралната круна во форма на тврдина, симбол кој според тогашната власт би бил со трајни вредности нешто за кое тогаш се согласија и од ДУИ.
Инаку за промена на државниот грб потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Последен пат овој симбол беше изменет во 2010та кога од актуелниот грб беше отстранета само црвената петокрака.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар