Македонија
11. February 2025 - 21:15

Владата го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител

Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Ваква одлука образложија дека донеле поради последните резултати на Транспаренси интернешнл и одлуката за назначување на шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје. 

Коцевски во писмен став за Сител вели дека Владата немала доволно информации за оваа одлука, а дека неговото работење било согласно законот. Појаснува дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител, туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје.

„Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје“, стои во ставот на Коцевски.

Според законот, откако Правда ќе го подготви предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, го испраќа до Советот на јавни обвинители. Тие откако ќе го добијат истиот, имаат 15 дена да одлучат како ќе се прозинесат, позитивно или негативно. 

Ако поради оправдани причини, седницата не се одржи во овие две недели, имаат рок уште дополнителни 15 денови да ја одржат седницата, на која Коцевски не смее да присуствува. Тој има можност само писмено да се произнесе. 

Ако Советот на јавни обвинители не одржи никаква седница во овие 30 дена, тоа значи дека не го поддржува предлогот на Владата за негово разрешување, а во случај да се произнесе позитивно, целата постапка се сели во законодавниот дом. Таму пак пратениците ќе одлучат дали Коцевски ќе остане на функцијата или пак ќе биде разрешен.