Македонија
12. February 2025 - 12:35

За поголема безбедност во сообраќајот, Штип го имплементира проектот “Save city”

Паркирање по тротоари и коловози, непочитување на сообраќајните правила и прописи, како и неприлагодената брзина на возење е се почеста слика на потесното градско подрачје на Штип. За поголема безбедност во сообраќајот, а пред се на учениците, локалната самоуправа заедно со надлежните институции кои го чинат Локалниот совет за превенција, преземаат мерки и активности.

-Поставување на безбедносни камери и спроведување на проектот „Save city“ (безбеден град), не само на спообраќајниците, туку и пред сите основни и средни училишта, за да го превенираме се она што како девијантна појава се случуваше во изминатиот период“ – изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Во делот на патна инфраструктура, трае изградбата на булеварот „Партизанска“, а 13 објекти кои се наоѓаат на трасата во старото нервно одделение ќе бидат срушени, а семејствата кои нелегално живеат таму ќе бидат згрижени.

-Општина Штип, заедно со Стамбен простор и со Владата на Р. Македонија ќе преземе чекори во насока на обезбедување и преместување на овие семејства а одредена локација за нивно сместување, додаде Јорданов.

Семејствата ќе бидат сместени во типските куќи во населбата „Света Недела“, чија изградба е речиси 80% завршена.