Македонија
1. August 2024 - 16:36

Директорката на ИЈЗ се сомнева во саботажа, обвинителство итно отвори предмет

Во време на епидемија на голема кашлица ќе останевме без реагенси за потврда на оваа опасна  болест. Ваков ќе беше епилогот по можната саботажа во Институтот за јавно здравје кога вчера попладне некој намерно или случајно ги исклучил фрижидерите каде ги чуваат материјалите за детекција на поголем број заболувања. Од стотина осигурувачи во разводната табла, биле симнати само оние поврзани со фрижидерот. За среќа,  според надлежните, брзата реакција спречила да дојде до голема штета.

-Ние при самото наше доаѓање констатиравме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се разводните табли. Тоа е претпоставка, ние оставаме тоа да се испита, дали е случајно, дали е намерно, оставаме да се испита“, изјави Марија Андоновска, в.д. директор на ИЈЗ

Колку време фрижидерите не работеле не се знае и тоа треба да го покаже истрагата. Обвинителството итно офирми предмет по допрен глас за да испитаат дали во конкретниот случај има елементи на кривично дело.

-Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија, велат од ЈОРМ.

Паралелно со истрагата на надлежните и од ИЈЗ прават попис колку и какви реагенси имало и во каква состојба се.

- Проверуваме во каква состојба се, вели Андоновска.

Дека фрижидерот и комората се ислкучени забележала хигиеничарка која веднаш го известила раководството. Вчер апопладне на увид била и полицијата.