Македонија
25. September 2019 - 20:10

Димитров: Забрзаната евроинтеграција на регионот ќе придонесе за зголемена доверба меѓу соседите

Забрзаната европска интеграција на Западен Балкан ќе придонесе кон зголемена доверба меѓу соседите и предвидливост во регионалните случувања. Ние сме меѓузависни. Добрата вест од една држава помага на целиот регион. Лошите вести му наштетуваат.

Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров на работниот појадок на министрите за надворешни работи од земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во организација на Косово – актуелен претседавач со Процесот, во рамки на активностите за време на Генералната дебата на 74-тата сесија Генерално собрание на ОН.

Димитров, како што соопшти МНР, се осврна на зајакнување на регионалната соработка.

– Пред нас е можност да направиме главен пробив на планот на регионалната соработка.  Да го продолжиме натпреварот во реформи, но истовремено да работиме на меѓучовечкото поврзување, слободното движење на луѓе, стоки и услуги, како и продлабочување на секторската соработка и областите што нудат чекор напред. Ние мора да изнајдеме модалитети да дадеме стимул на меѓуповрзаноста и обезбедиме услови младите да просперираат дома, во европски регион по нивен урнек. Да вложиме сили и со добар пример го ребрендираме регионот, неговиот имиџ и како на нас гледаат надвор од нашите граници, рече Димитров.

Како што соопшти МНР, на состанокот беа презентирани приоритетите на претседавањето и притоа беа разменети мислења за перспективите на регионалната соработка во овој формат.