Македонија
30. September 2021 - 14:26

Демант од директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми

Најостро ги осудувам и демантирам лажните информации што во текот на вчерашниот ден беа пласирани од неколку медиуми, а потоа искористени од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, во нивни партиски цели, со намера за моја лична дискредитација на дискредитација на институцијата со која раководам.

Во таа насока, барам од медиумите, да го објават овој демант и да ги почитуваат новинарските стандарди и етичкиот кодекс, бидејќи во текот на вчерашниот ден, неколку медиуми, објавија неточна информација без да побараат одговор, ниту од мене, ниту од институцијата која ја споменуваат, што се коси со сите етички вредности и професионални стандарди во пренесувањето на информациите.

Од страна на неколку медиуми во јавноста беа пласирани лажни и неточни информации објавувајќи видео снимка, притоа извртувајќи ја комплетно вистината и она што беше зборувано на средбата со жителите на Општина Сопиште.

Имено, вчера, во рамки на партиските активности за претстојните локални избори, остварив средба со жителите на Општина Сопиште, каде жителите искажаа револт и незадоволство од работењето на сегашниот градоначалник и беа презентирани информации за одредени злоупотреби што градоначалникот Стефче Трковски ги направил и ги прави искористувајќи ја својата функција.

Граѓаните упатија директно прашање до мене, зошто не постапам, на што одговорот од моја страна беше дека доколку,  од позиција на директор, сега ги процесуирам нивните сознанија и укажувањата за извршените злоупотреби од страна на сегашниот градоначалник, тоа ќе се смета како политички притисок, и дека тие се оние кои што со својот глас, на овие локални избори треба да го казнат градоначалникот за неговото работење.

Она, на што им посочив беше дека искажаните сомненија ќе се разгледуваат по завршувањето на изборите, бидејќи сега истите би се толкувале како политички притисок.

Доколку внимателно ја послушате видео снимката, а притоа НЕ БИДЕТЕ ПОД ВЛИЈАНИЕ и ДЕФОКУСИРАНИ ОД НАСЛОВИТЕ пласирани во јавноста кои го следат истото, можете да го увидите претходно наведеното.

Наместо информацијата да биде пренесена така како што е кажана, одредени медиуми и креаторот на лажните вести ВМРО-ДПМНЕ, преку пласирање на лажни и невистинити објави и неточен и нецелосен превод на видео снимката од албански на македонски јазик, се обидоа да ја извртат вистината, но тоа не им успеа бидејќи аргументите се на наша страна.

Затоа апелирам до медиумите, да се воздржат од пласирање неточни и непроверени информации што се нарачани и креирани од страна на одредени политички партии, во насока на купување на политички поени.

Што се однесува до објавите и соопштението на ВМРО- ДПМНЕ, сметам дека е непотребно да ги коментирам, од причина што нивниот лидер Христијан Мицкоски, како и неколку нивни членови се веќе посочени од страна на Европскиот парламент во студијата изработена од страна на Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија , како креатори и главни извори и пренесувачи на дезинформации, а со цел дискредитирање на нивните политички противници.

Уште еднаш, упатувам барање до медиумите кои што ја објавија неточната информација, заедно со видеото, во целост да го објават овој демант и да ги почитуваат новинарски стандарди за етичко и професионално однесување.

Арафат Муареми
Директор на Финансиска полиција