Loading Video...
Балкан
5. November 2023 - 16:30

Бура во Србија откорна покриви од куќи и сруши бетонски ѕидови, Хрватска издаде портокалов аларм за поплави

Големо невреме ја зафати Србија. Бурата во селото Пивнице направи голема материјална штета. На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека покривите од куќите се откорнати, целосно е искршено и  уличното осветлување. 

Паднати се многу дрвја, а срушени се дури и бетонски ѕидови. 

За среќа нема човечки жртви. 

Од невремето беше зафатен и Белград. Силниот ветер од над 70 км на час и дождот направија хаос по улиците. 

Додека многумина се криеја дома во моментот кога невремето беше најсилно, снимен е маж во Вождовац кој се качил на покрив од куќа за да ја санира штетата.

На автопатот Суботица-Нови Сад дрво падна на сред автопатот и го блокираше сообраќајот.

Хрватскиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување за поплави.

Поради големите бранови, траект утринава не можеше да влезе во сплитското пристаниште.

Најсилните налети на ветерот се во подрачјето на Сплит и изнесуваат околу 100 километри на час, а според предупредувањето можни се удари и до 120 километри на час.