Loading Video...
Балкан
30. јуни 2024 - 16:33

Бугарија задоволна од пописот во Албанија, Грција бара почитување на малцинствата

Резултатите од спроведениот попис во Албанија се изненадување за тамошниот бугарски амбасадор. Според Ивајло Киров, владата во Тирана овозможила жителите со бугарско потекло, слободно да ја изразат својата етничка припадност. Ги отфрли тврдењата за пописна манипулација за кои обвинуваат македонските здруженија.

Вели, пописот не е статисичка операција за поделба на луѓето, а можноста слободно да се изрази припадноста, според Киров е причина повеќе Албанија да напредува во преговорите за членство во ЕУ.

Македонските здруженија не ги прифаќаат резултатите од пописот. Велат дека македонското малцинство било под притисок на бугарски здруженија кои се заканувале со одземање на бугарските пасоши. Најавуваат неформален попис кој ќе ги покаже вистинскиот број на Македонци кои живеат во Албанија.

Во меѓувреме, незадоволство од пописниот резулат има и во Грција. Министерството за надворешни во своето соопштение ја предупредува Тирана дека почитувањето на малцинствата е клучно на патот за членство во Европската унија.

„Грчкото национално малцинство е најбројно и најзначајно во Албанија. Тоа е автохтоно малцинство, признаено од Албанија како национално малцинство. Целосното почитување на правата на малцинствата и спроведувањето на релевантни заложби и обврски од албнаска страна се критериуми кои Албанија треба да ги исполни на нејзниот европски курс, а се во сржта на грчко-албанските билатерални односи“, се вели во соопштението на грчкото министерство за надворешни работи. 

Реагираше и здружението на етнички Грци „Омонија“ кое пописните резултати ги смета за неосновани и нереални. Загрижени се за бројките кои се однесуваат на верската припадност и не го прифаќаат бројот на лица кои се изјасниле за православни.