Loading Video...
Балкан
21. јуни 2024 - 19:52

Енергетски колапс: Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија со часови без струја

Тотален енергетски колапс во регионот: Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и делови од Хрватска со часови останаа без струја. 

Според последните информации, струјата целосно е вратена во Црна Гора, а дефектот постепено се решава и во останатите погодени земји.

Прекинот им донесе големи проблеми на сите, особено на оние кои се најдоа заглавени во лифтови, но и во автомобилите. Семафорите се исклучија, па настана вистински хаос. Низ улиците се слушаа сирени од противпожарни возила.

Во Сплит пожарникарите имале 25 интервенции поради лица кои останале заглавени во лифтови и неколку поради исклучување на агрегатите. Имало и десетици повици од вознемирени граѓани.

Болниците веднаш активирале агрегати за да можат нормално да функционираат. Поради прекинот на струја, делови од Хрватска некое време немале ниту вода. 

Топлото време со температури до 40-иот степен им донесе дополнителни проблеми на граѓаните.

Причините за хаваријата засега официјално не се познати. Неофицијално, медиумите пренесуваат дека имало експлозија на 400 киловолтен далновод на црногорскиот електропреносен систем. 

На терен се сите екипи, вели хрватскиот министер за економија. 

„Досега нашите служби не утврдија никаков дефект од наша страна, а бидејќи тоа е поврзано со законот за поврзани системи, дел од нашата мрежа не е напојуван. Во моментов, на повеќето градови им е обновено снабдувањето со електрична енергија. Бидејќи ова се исклучително чувствителни работи, постојат посебни процедури за повторно активирање и сите екипи се на терен“ – Анте Шушњар, министер за економија на Хрватска

„Не би сакал да ви дадам никакви непотврдени информации, но наводно некои надземни далноводи меѓу Грција и Албанија паднале и тековите се промениле, но ова е сè уште во доменот на шпекулации и се непроверени информации“ – Данко Блажевиќ, Директор на ХОПС 

Министерот за енергетика на Босна и Херцеговина, Ведран Лакиќ, пак, оцени дека станува збор за преоптоварување на мрежата.

„Проблем во преносната мрежа во регионот и преоптоварување доведоа до прекин на електричната енергија во поголемиот дел од Босна и Херцеговина. Сите напори се насочени кон што поскоро решавање на споменатиот проблем и враќање на струјата во домовите“, напиша тој на ФБ.

Се огласи и првиот човек на регулаторната комисија за енергетика на Македонија, Марко Бислимовски.

„Денешната главна вест во регинот за тоа дека речиси цела Црна Гора и Босна Херцеговина и дел од Хрватска е останата без струја е само потврда дека инвестициите во енергетиката мора да бидат број еден приоритет. Мепсо ги има активирано сите механизим за домино ефектот да не се почувстува и кај нас. Не така далеку беше кога земјава, регионот се соочи со “блек аут” (колапс на електричната мрежата) Во комуникација сме со преносните систем оператори како и со регулаторните тела на земјите кои се засегнати од оваа состојба. Енергетиката е испреплетена како крвните садови во човековото тело“, вели Бислимовски.

Сличен инцидент имаше и во 2007-ма година по дефект на далновод што ги поврзува електроенергетските системи на Грција и Бугарија. Тогаш и Македонија на два часа остана без струја