Џет-Сет
25. May 2017 - 20:48

Зошто никогаш повеќе нема да имеме некој како Роџер Мур

Фразата „крај на една ера“ толку многу се користи, што веќе стана клише. Сепак, кога станува збор за Роџер Мур, кој почина во вторникот на 89-годишна возраст, таа фраза е совршена и не звучи воопшто како клише.

Мур беше совршен англиски господин на едно време, се облекуваше беспрекорно, а неговата фризура совршено одговараше на модата на 50-те и 60-те години на минатиот век.

Тој изгледаше како да е роден во костум, иако според потеклото и социјалниот статус на неговите родители не бил предодреден за таква префинетост - неговиот татко бил полицаец во Лондон, а не припадник на аристократијата. 

Актерството толку многу му прилегаше, што оставаше впечаток дека тоа за него е само лесна задача меѓу попладневниот чај и вечерениот коктел.

Втората страна на неговиот шарм е големото чувство на нешто што денес го викаме привилегија - и тоа е главна причина зошто најверојатно никогаш повеќе нема да видиме некој како него.

Не е претерано да се каже дека со смртта на Мур, исчезна и стариот шарм карактеристичен за минатиот век.