Македонија
6. December 2016 - 17:51

Заев: Земјоделското земјиште ќе биде распределено на вистинските земјоделци

Носителот на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 4 Зоран Заев по денешната посета во Демир Капија изјави дека овој земјоделски крај е пример за работлив и скромен народ.

Тој рече дека лозарството е најзастапената гранка во овој крај и дека лозарите се оставени без каква било заинтересираност од централната власт.

- Не може да останат нашите лозари буквално надвор од власта, којашто народот ја бира. Власта постои заради граѓаните и таа мора да ја заврши својата улога. Ние не бараме од политичарите да копаат, да режат, да берат во полето. Ние бараме да гарантираат пласман и да обезбедат повисоки цени, рече Заев.

Тој им вети на лозарите дека грозјето, како и јаболкото, тутунот и дел од градинарските производи ќе биде приоритет на наредната влада.

- Лозарите ќе имаат задача повеќе да произведат да го зголемат својот обем, својот квалитет, обврска на државата е пласманот и цените на продажбата уште на почетокот на сезоната помеѓу март и мај кога почнува и зарежувањето по лозјата, истакна Заев.

Целосното редефинирање на политиката, како што рече, мора да биде насочено кон обезбедување пласман. - Пласманот мора да биде обезбеден преку отворањето нови пазари кои ќе донесат дополнителна конкуренција, додаде тој.

Субвенциите, според Заев, ќе бидат 160 милиони евра годишно или вкупно 640 милиони ерва за еден четиригодишен мандат.

- Земјоделското земјиште ќе биде распределено на вистинските земјоделци, а ќе направиме и комплетна ревизија на распределбата на земјоделското земјиште, рече Заев.

Вети дека ќе ја намалат цената на нафтата и дека ќе има зелена нафта за земјоделците која, како што рече, е педесет проценти поевтина од онаа нафта која што се троши за возилата или за домаќинствата.