Македонија
30. December 2017 - 11:02

Заев: Обединети во 2018 да ја заокружиме визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава

Македонија во 2018 година да биде 30-та земја членка на НАТО, да добие чиста препорака за почеток на предпристапни преговори со ЕУ, да биде пријател со сите пет соседи и предводник во градењето нов имиџ за Балканот, очекува премиерот Зоран Заев.

Во новогодишно обраќање Заев најавува мирен и квалитетен живот за граѓаните, повисоки плати, нула толеранција кон корупцијата, владеење на правото, враќање на довербата во институциите, јавно, отчетно работење и не политика на поделби, туку општество за сите.

- На патот сме да ја заокружиме визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава. Да се обединиме околу овие приоритети. Сега како никогаш досега, сите да ја прифатиме одговорноста за нашата иднина. Сега, кога 21-от век станува полнолетен, заедно да го положиме испитот на зрелоста, заради иднината на нашата заедничка Македонија. Заслугите ќе им припаднат на сите, истакнува премиерот во обраќањето. 

Според него, најголем успех годинава е тоа што „слободоумните граѓани ослободија заробена држава“.

- Се соочивме со предизвиците и се случи пресврт. Се случи промената. Македонија се стабилизираше и тргна кон раст и развој. Со промената на власта, граѓаните јасно порачаа дека очекуваат нова пракса и нови политики при управувањето со државата. Тоа е главен предуслов за враќањето на довербата кон институциите и кон власта како политички инструмент, истакнува премиерот.

Нова Г. мала

Клучен фактор за создавање доверба, додава, е да се спроведува владеење на правото.

- Правната држава создава сигурност за секој граѓанин поединечно, и за општеството во целост. За добро и одговорно владеење неопходни се уште и почитување на човековите права, социјална правда, јавно и отчетно работење, како и обезбедување целосно учество на сите граѓани во општеството. Реформата подразбира вклученост на сите, за сите, без исклучок, по било кој основ, наведува Заев.

Го нагласува и ставањето на граѓанинот во центарот. Тоа значи постојано подобрување на условите за живот и поттикнување на сигурноста. - Да се биде сигурен значи да се биде ослободен од страв, ослободен од економска и друг вид неизвесност, вели претседателот на Владата.

Како одговорен политичар и како премиер на Македонија, Заев вели дека силно се противи на амбиент во кој некои политички елити се почувствуваа привилегирани.

- Мислеа дека правдата и казната што произлегува после корупцијата, нема да ги опфати и нив. Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон реформата и кон новото време за кое постигнавме општествен консензус: Нула толеранција за корупцијата и нула толеранција за кршење на човековите права, ништо помалку, подвлекува претседателот на Владата во обраќањето.

За него, минато се веќе политиките на поделби што грѓаните ги делеа на „наши“ и „ваши“ и што предизвикуваа конфликти.

- Тоа е политика што гради минато, а не иднина. А, нам, наместо поделба, ни треба доверба. Само интегрирана Македонија, единствена во различностите, ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани. Во таква Македонија веруваат мнозинството од граѓаните. Затоа градиме општество еднакво за сите, потенцира премиерот.

Во 2018 година, Владата ја очекува голем ангажман, со единствена цел: мирен и квалитетен живот за граѓаните. 

- Ќе растат платите зашто имаме сериозен и прецизен План за економски раст. Тој план ќе обезбеди нови, подобро платени работни места. Проектираниот буџет за 2018 ќе донесе финансиска стабилизација на земјата, раст и правичност. Ќе ги интензивираме напорите во реформските процеси за демократска обнова на општеството, за обезбедување професионални и деполитизирани институции, еднакво и квалитетно услужни кон сите граѓани, нагласува премиерот.

Во годината што претстои, продолжуваме да бидеме и пријател со сите пет соседи, како и предводници во градењето нов имиџ за Балканот. 

- Конечно, очекуваме Македонија да биде 30-та земја членка на НАТО. Очекуваме да добиеме чиста препорака за почеток на предпристапни преговори со ЕУ. Брисел знае дека имаме доволно добри аргументи за ова наше очекување, заклучува Зоран Заев во новогодишното обраќање.