Македонија
21. September 2024 - 16:33

Спелеолошки истражувања во изворите во Црна Река

Во време на големи климатски промени кога водата станува еден од најбараните ресурси спелеонуркачите од Македонија веќе неколу години по ред се обидуваат да ги мапираат големите подводни басени со вода за да се знае со кои количини располага нашата држава. Пред неколку денови тие по втор пат влегоа во изворот на реката Црна, кај селото Железнец. Македонските нуркачи поддржани од своите колеги од Србија влегоа во изворот на 50 метри длабочина и на околу 200 метри во должина.

„Влезот на пештерата во реката Црна е екстремно тежок и бара многу опрема, многу физичка спремноста затоа што е многу тесен и е скоро невозможен и непристапен со опрема да дојде човек. Нас ни беше исклучително тешко да влеземе, требаше прво да ја внесиме опремата, па ние да се протниме до одреден дел, да ја ставиме опремата на нас, да се монтираме за да влезиме да нуркаме“, изјави Христијан Миланоски, спелеонуркач од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

„Станува збор за големи карстни предели кои се исполнети со вода и кои треба да ги документираме, да ги доистражиме, да ги мапираме, да земаме примероци, со цел да го збогатиме тој систем на информации кој го имаме за вода која е од големо значење за сите нас“, истакна Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошка федерација на Македонија.

На околу 50 метри длабочина во пештерата пронајдени се некои коски од животни, планктони и ларви. Се планира во иднина да се земат примероци од водата и истата да се испита. Исто така спелеонуркачите се надеваат на поголема поддршка од државата.

„Пештерата е долга 350 метри и длабока е 70 метри моментално, перманентна маркација ставивме до 200 метри од влезот и 50 метри длабина, но оди уште понатаму. Се надеваме дека ќе бидеме во можност да ја испитаме натаму до крај, да видиме до каде оди и можеби ќе излезе една од големите и длабоките пештери во Македонија, како Врело на Матка“, потенцираше Христијан Миланоски, спелеонуркач од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

Досега нашите спелеонуркачи ги имаат истражено подводните пештери на изворите на Бабуба во срцето на Солунска глава, пештерата Врело на Матка и некои пештери во Тиквешијата.

„Има уште многу извори кај нас за кои се знае, но не се истражени. Искрено се надеваме со една голема поддршка од државните институции и организации кои ќе можат, заедно сите да ги документираме и да направиме една уште поголема збирка на извори за потенцијална вода за пиење, за водоснабдување и разни активности кои ни се потребни на сите нас“, додаде Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошка федерација на Македонија.

Во иднина водата ќе биде еден од најважните ресурси за преживување и затоа е важно како држава да се знае со кои ресурси располагаме.