Македонија
10. March 2025 - 19:54

За 3 дена, 3 жртви во 2 сообраќајки на истокот

За 3 дена, 3 жртви и едно тешко повредно лице на патиштата од Истокот. Вчера вечер половина час пред полноќ, возило „Тојота“ излетало од патот на влезот во с. Карбинци и директно удрило во бетонски столб.

Од силината на ударот и здобиените повреди, на лице место починал сопатникот во џипот, 34 годишниот М.Т. од Штип, а две години повозрасниот возач се здобил со тешки телесни повреди и итно е пренесен во штипската болница. Очевидец на настанот вели дека глетката била страшна.

-Ударот беше страшен. Отидов да помогнам, зашто овде живеам близу до патот. Кога дојдовме, џипот стоеше, погледнав внатре и видов главата му беше целата во крв. Брзата помош го зема возачот, а другиот не мрдаше. Возачот е жив, совозачот почина. Гледката беше ептен тешка, еднаш го погледнав и не можев повеќе, изјави очевидец, жител на Карбинци.

За краток временски период, ова е втора сообраќајка со кобни последици, откако во петокот, при судир на 2 возила на експресниот пат Штип-Кочани, кај с. Тркање животот го изгубија две лица.