Нови правила за сезонските работници во Македонија
И на сезонските работници ќе им тече стаж. Аргатите на нива, келнерите, негувателите на деца и стари лица кои работат привремено ќе имаат платени придонеси. Ова го предвидува новиот закон кој влезе во собраниска процедура.
Ќе можат да работат сите, невработените, вработените, студентите, пензионерите. Притоа, невработените и натаму ќе водат како невработени, студентите ќе можат да си ги користат стипендиите, а пензионерите ќе имаат редовна исплата на пензиите.
Ангажираните ќе бидат платени за одработен час, а износот не смее да биде помал од часот кој се пресметува врз основа на минималната плата.
Работодавачите, освен придонеси за пензиско и инвалидско, ќе плаќаат и данок на личен доход, како и трошоци во случај на повреда. Ќе можат да ангажираат сезонски работници најмногу до 120 дена во текот на една календарска година.
„Ценам дека ставањето во оваа формална економија и на пазарот на трудот, особено ќе придонесе во спречување на иселувањето на младите“ – изјави Драгана Бојковска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Првата цел беше да го прошириме опфатот на пазарот на трудот, односно на македонските компании да им дадеме легален однос да ангажираат работници да дојдат до што е можно поголем базен на работници. На тој начин да можат да ги прошируваат своите економски дејности. Втора работа, сакавме да ја зајакнеме економијата бидејќи кога вие ќе направите легална рамкаи на работниците ќе им дадете легално да заработуваат тогаш истите тие работници по основ на примена плата, ем ќе исплатат даноци спрема државата, но и преку индиректините контрибутори во економијата ќе најдат начин да ја засилат личната потрошувачка, да наплати државата даноци итн“ – изјави Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Контрола на наплатата на данокот и придонесите ќе врши УЈП, а инспекција ќе прави Трудовиот инспекторат.
Казните за непочитување на законот се и до 3 илјади евра.
На предлог законот потпишани се пратеници и од власта и од опозицијата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар