Македонија
12. February 2016 - 8:52

Во Велес отворена биенална изложба на графика „Кумановски графичари 2015“

Во ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложба на графики  „Кумановски графичари“ што ја организира Центарот за култура од Куманово во соработка со велешкиот Народен музеј, а со финансиска подршка на Министерството за култура.

Како што појасни пред присутните промоторот на изложбата Роберт Цветковски историчар на уметноста од Центарот за култура од Куманово, на изложбата се претставени 26 графики во повеќе техники, како и графики во боја  на графичари од повеќе генерации од Куманово.
 
- Индивидуалните пристапи во понудените графички остварувања се потенцирани максимално што говори за стремежот кон авторска независност и градење на идентитет на изразот, притоа не непуштајќи ги академските нормативи и канони. Затоа и целата колекција делува компактно и покрај навидум стилското шаренило, нудејќи му истовремено на гледачот сличности и разлики, афирмации и негации, влијанија и обиди за автентичност, и обид да се влезе во специфичниот ум на современиот човек и да се понудат алтернативни решенија во филозофска смисла на секојдневните животни состојби и барем малку да се одгатне нашата реалност со симплифицираниот графички вокабулар, потенцира Цветковски.
 
Изложбата досега освен во Куманово била во претставена и во Кавадарци, а по Велес ќе биде изложена и во Кочани и Кратово.