Балкан
23. July 2024 - 17:17

Во Србија во последните недели зголемен бројот на заболени од Ковид, но без тешки клинички случаи

Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ денеска соопшти дека во европскиот регион, вклучително и Србија, од мај е регистриран пораст на заболени од коронавирус, така што неделно има меѓу 60 и 90 потврдени случаи, но тоа не значи влошување на епидемиолошката состојба, јави дописникот на МИА од Белград.

– Од почетокот на 2024 година, бројот на тестирани лица за САРС-КоВ-2 се намалуваше до почетокот на мај, кога се зголеми и се задржа на околу 550 луѓе кои го правеа тестот неделно во просек. Во истиот период, бројот на потврдени случаи почна постепено да се зголемува и да изнесува во просек од 60 до 90 случаи неделно. Зголемување е забележано во последните недели, но апсолутните вредности се сè уште ниски во споредба со истиот период во 2023-та, се наведува во соопштението на „Батут“.

Во него се додава дека не е регистрирано зголемување на хоспитализирањата на пациентите, ниту влошување на клиничките форми на Ковид-19.

– Во согласност со моменталната епидемиолошка состојба, нема индиции за примена на дополнителни мерки за превенција и сузбивање на респираторните вирусни инфекции освен стандардните мерки за заштита кои континуирано се применуваат во сите здравствени установи, додаваат од „Батут“.

Дополнително, лицата со сериозни хронични заболувања и имунокомпромитирани состојби треба да се консултираат со својот лекар за евентуално намалување на ризикот од инфекција со примена на мерки за лична заштита.

– Лицата кои имаат симптоми на акутна респираторна инфекција се тестираат според индикациите согласно лекарската проценка, се вели во соопштението.

Имајќи предвид дека акутната апсолутна бројка на заболени е мала, Институтот за јавно здравје на Србија оценува дека во моментов нема значително влошување на епидемиолошката состојба.

Министерството за здравство на Србија наведува дека внимателно ја следи состојбата во другите земји, особено во околината и ги мобилизира сите потребни ресурси за контрола на заразните болести.