Во Скопје и уште неколку поголеми градови во Македонија и денеска тешко се дише
Скопје и денеска според мерењата е повторно меѓу најзагадените градови во светот. Со денови во главниот град, но и во повеќе поголеми општини тешко се дише.
Граѓаните бараат почист воздух, владата ќе ги бара причините за загадувањето, а опозицијата обвинува дека власта не презема мерки за справување со проблемот.
Според министерот за животна средина главна причина за аерозагадувањето е греењето. Тој исто како и премиерот смета дека со гасификација и гасни централи како долгорочен план ќе се справиме со загадувањето на воздухот. А дали се почитуваат краткорочните мерки, Меџити рече дека секојдневно работеле на тоа. Инспекторите постојано биле на терен, но не кажа дали некој е казнет.
Опозициската СДСМ пак денеска предложи серија на итни мерки меѓу кои поголеми инспекциски контроли и при алармантно аерозагадување да се заштити здравјето на најранливите.
-Да се донесе итно Програма за чист воздух во Министерството за животна средина. Со субвенции за домаќинствата за замена на нееколошките системи за затоплување, како и за градинките, училиштата и јавните објекти да преминат на чисти технологии. По примерот на Програмата за воздух која владата на СДСМ успешно ја спорведуваше неколку години. Интензивни инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии: инсталации, сервиси, диви депонии и стрништа. Контролите врз индустријата мора да продолжат, изјави Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
Потребен е системски и сериозен пристап кон аерозагадувањето, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Новиот начин на затоплување на домовите, истовремено, треба да биде достапен за сите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор, а тоа е инвестиција за која реализација потребни се неколку години за да профункционира.
Жално е што поранешната седум годишна влада предводена од СДС и ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за намалувањето на загадувањето, велат до владејачката партија.
-
Александр Динев
Сите содржини од овој новинар