Панихида за Мара Бунева во недела, партијата Преродба со провокација
Бугаринот Виктор Стојанов, повикува на собир и панихида за Мара Бунева. Во објава на фејсбук ги напиша плановите за настанот во недела. Собирно место пред црквата Свети Димитрија во ценарот на Скопје во 11.30, а точно напладе положување цвеќе на спомен плочата на кејот на Вардар.
„Секој е добредојден. Мирно и тивко да го чествуваме подвигот на големата бугарка“, пишува во објавата на Претседателот на фондацијата Македонија.
Според Стојанов, прослави за Мара Бунева ќе има и во нејзиниот роден град Тетово, а одбележување ќе има уште во Прилеп и Струмица.
Иако ја организира, Стојанов нема да може да дојде во Скопје. За него Македонија има издадено забрана за влез на неодредено време. Не беше присутен ниту на поборојниот настан во 2023 година. Околу 200 луѓе тогаш се поклонија пред спомен плочата на Бунева. Меѓу нив и европратеникот Ангел Џамбаски како и лидерот на ултранационалистичката бугарска партија „Преродба“.
Костадин Костадинов, сега од владата во Софија бара да објави претензии за присоединување на Македонија кон Бугарија. Идејата ја добил од новоизбраниот американски претседател Трамп кој бара припојување на Канада кон Соединетите американски држави.
„Иста е ситуацијата и со Македонија. Нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ да станат една земја“, пишува на Фејсбук, лидерот на Преродба.
Изјавата на Костадинов ја осуди македонското МНР. Бараат да ја отфрли официјална Софија.
„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава, и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење на добри меѓусоседски односи“, се вели во реакцијата на МНР.
Партијата на Костадинов, на последните парламентарни избори освои 35 пратенички места и е трета политичка сила во бугарскиот парламент.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар