Македонија
9. January 2025 - 16:41

Судот во Перник: Пропустите на автопатот „Струма“ придонесоа за несреќата на „Беса Транс“

И Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија сноси дел од вината за трагичната автобуска несреќа на „Беса Транс“, во која загинаа 45 македонски државјани. Судската одлука го отвори прашањето за сериозни пропусти: делницата на автопатот „Струма“ имала статус на експресен пат бидејќи не бил издаден акт за автопат. Дополнително, недостасувале патни ознаки за дозволената брзина, а при проектирањето биле направени прекршувања.

Заштитната ограда на патот, наместо да спречи трагедија, не успеала да го задржи возилото поради недоволната носивост за тежината и димензиите на автобусот.

Окружниот суд во Перник, Бугарија, донесе одлука со која 10% од вината за несреќата ја префрла на Агенцијата за патна инфраструктура, наложувајќи ѝ да исплати по 20.000 лева или околу 10.000 евра на секој од тужителите.

„Геометриските карактеристики при проектирањето на ваков пат не се почитувани – проектираниот напречен наклон на кривината одговара на брзина од 90 километри на час, но недостасува поставен патен знак Б26/90 километри на потребните места, кој би ја ограничил брзината.“

Возачот на автобусот возел со брзина од 106 километри на час, што е под максимално дозволената брзина од 120 километри на час за оваа делница. Сепак, семејствата на загинатите сметаат дека одговорноста е поголема од утврдените 10% вина на Агенцијата за патна инфраструктура.

Адвокатот на тужителите најави дека ќе бара судот да ја зголеми отштетата од 10.000 евра на 50.000 евра за секое семејство, a одговорноста за несреќата да биде поделена, 50% кај Агенцијата за патишта, 50% кај починатиот возач.

Во ноември 2021 година, автобусот на „Беса Транс“, враќајќи се од екскурзија во Истанбул со 52 патници, излета од автопатот „Струма“, се запали и целосно изгоре. Во трагедијата преживеаја само седуммина. Првичните извештаи укажаа дека возачот возел со брзина над дозволената.

Во Скопје, Кривичниот суд го осуди сопственикот на „Беса Транс“ на една година и осум месеци затвор, бидејќи автобусите со фалсификувани документи за технички преглед ја минувале границата. Компанијата доби забрана за работа во период од четири години и парична казна од 800.000 денари. Одбраната на семејствата на загинатите ја обжали одлуката, а Апелација го врати предметот на повторено судење.