Македонија
14. April 2016 - 13:38

Во Штип почна изградбата и реконструкцијата на патната инфраструктура

Во Штип се градат улици и патишта во вредност од околу половина милион евра.

Како што ифнормираа денеска на прес-конференција портпаролот на Општината Драган Ристов и директорот на ЈП „Стипион“ Игне Иванов, градежната оператива веќе работи на тампонирање, по што ќе следи и асфалтирање на повеќе улици во населбите во градот каде што нема асфалт, но и во руралните подрачја.

- Пролетните градежни зафати опфаќаат над 20 локации низ градот. Меѓу поголемите проекти е асфалтирањето на улици во Дузлачки Рид во должина од 1,7 километри и во вредност од над четири милиони денари. Станува збор за тампонирање и прво асфалтирање на сообраќајници со кои жителите од овој дел на градот ќе добијат асфалт на тешко проодни улици. Ќе се асфалтира и крак во должина од околу 250 метри од улицата „11 конгрес“ во населба Баби во вредност од 784.000 денари, поточно ќе се постави уште еден слој асфалт врз руинираниот прв слој, се тампонира и крак од околу 250 метри од улицата АСНОМ а ќе следат и зафати на уште неколку улици, рече Ристов.

Ќе се работи и на асфалтирање улици и патишта во селата Врсаково, Суво Грло, Селце, Долани и Чардаклија.

Според директорот Иванов, екипите ќе работат на сите улици каде што има потреба за нова атмосферска канализација и поставување на шахтите за канализационата и атмосферската мрежа.

- Веќе се работи на конструкција на одводен канал на дел од сообраќајницата кај железничката пруга кој долги години беше проблем. Ова е активност на ЈП „Стипион 2011“. Во моментов се тампонира и подготвува асфалтирање на пристапен пат во местото Каленица, на патот кон МК „Албатрос“ меѓу седиштата на повеќе фирми, вклучително и еден помал крак од 30.тина метри, во долна Железничка од вчера се асфалтира еден крак а ќе бидат асфалтирани уште 4 во вредност од 1.2 милиона денари, во Чардаклија веќе течат подготовки за асфалтирање на над 350 метри од улици вредни 650.000 денари.ЈП „Стипион“ поставува канализациона мрежа по што ќе следе асфалтирање на неколку крака, вклучително и до локалното училиште, рече Иванов.

Во тек се и тендерски постапки за реконструкција на улиците „Иво Лола Рибар“, вториот дел од „Вита Поп-Јорданова“, вториот дел од „Вардарска“, дел од „Борис Крајгер“ на потег од трговскиот Елкос до спортската сала „Јордан Мијалков“ во должина од околу 800 метри и за конструкција на велосипедската и пешачка патека до Караорман.