Македонија
12. July 2016 - 18:11

Во Прилеп промовиран проект од прекуграничната соработка со Грција

Во прилепското средно економско училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ денеска беше промовиран почетокот на пилот-проектот за примена на мерки за енергетска ефикасност, што е дел од проектот „Тематска мрежа за одржлива енергија“ за прекугранична соработка на ЕУ.

Проектот е за соработка меѓу општини од Македонија и Грција, финансиран од ИПА-фондовите. На промоцијата на проектот присуствуваа претставници на прилепската локална самоуправа, од ЕУ и од Министеството за локална самоуправа.

Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески во проектот се вклучени општините Велес и Прилеп од Македонија и Ираклија, Лерин и Висалтија од Грција.

- Проектот предвидува 120.000 евра, од кои 80.000 евра ќе бидат искористени за комплетна реконструкција на прилепското економско училиште. Опфатени се: дограмата, термо-изолационата фасада, реконструкцијата на покривот на училиштето и други помали зафати. Сето ова ќе придонесе за поефикасна настава и заштеда на средства за загревање на училиштето, рече Ристески.

Државниот секретар во Министерството за локална самоуоправа, Билјана Цветановска истакна дека Министерството е надлежно за имплементирање на програмите за прекугранична соработка, финансирани од фондовите на ЕУ, а Прилеп бележи успех во искористувањето на средствата од ваквите програми.

Во рамките на овој проект со општини од Грција, посочи, Прилеп успеа да обезбеди средства без да го оптоварува општинскиот буџет за обезбедување енергетска ефикасност за ова училиште. Нагласи дека Македонија има висок процент на искористеност на програмите за прекугранична соработка.

- Во наредниот период од оваа програма за прекугранична соработка со Грција се предвидени околу 43 милиони евра и затоа општинските самоуправи, невладините организации и јавните установи може да аплицираат за да добијат дел од овие средства. Освен во оваа програма, Министерството за локална самоуправа е вклучено во управувањето во програмите за прекугранична соработка со Бугарија, Албанија и со Косово, а во тек е почетокот на програмата со Србија, рече Цветановска.

Потенцира дека како Министерство се вклучени и во „Балкан-медитеран програмата“ и во „Транс-националната програма. Досега, во сите прекугранични програми, појасни, партнерите од Македонија успеаја да апсорбираат дури 85 отсто од расположливите фондови.

- Во периодот од 2014 до 2020 година година средствата од ЕУ во тие програми ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат 100 милиони евра. Министерството за локална самоуорава учествува со 15 проценти во проектите, додаде Цветановска.

Делегатот од ЕУ, Мауро Ди Вероли истакна дека се следи напредокот на проектот во прилепското средно економско училиште.

- Проектот ќе заврши до почетокот на новата учебна година. Дел е од поголем проект кој се финансира од фондовите на ЕУ и дел од проектите за прекугранична соработка со цел да се зближат општините од Македонија и од Грција. На ова поле ќе се работи и понатаму, посебно во изготвувањето акциони планови за заштеда на одржливата енергија, рече Ди Вероли.

Ново на Сител