Македонија
15. February 2025 - 16:35

Во Минхен средба Муцински-Георгиев – Мицкоски ќе се обрати на конференцијата утре

Со јасни државни позиции и утврдени црвени линии министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Муцунски и Георгиев, за прв пат седнуваат на маса.  Состанокот доаѓа во време на затегнати соседски односи меѓу двете држави и блокиран процес на македонските интеграции поради бугарските барања. Македонската страна седнува на маса со позициите за уставни измени со одложено дејство, став со кој настапи и пред европските челници. Георгиев и по назначувањето порача дека бугарските црвени линии се јасни и нема да прават отстапки.

Министерот Муцунски пред средбата порача дека очекува разговорите да течат во добра атмосфера, да престанат поделбите и говорот на омраза.Според него не е прашање дали на средбата ќе се решат сите предизвици, но вели  потребни се разговори, потребен е дијалог, а средбата е можност за позитивен исчекор.

Од бугарското МНР ниту ја најавија средбата со Муцунски, ниту пак излегоа со очекувања од состанокот.

Состанокот доаѓа само неколку дена по осудите на официјална Софија за  изјавите на македонскиот премиер Мицкоски, дека македонското малцинство во Албанија е под притисок за бугарска асимилација.

Во Минхен веќе се оддржаа и неколку билатерални средби на премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи македонската делегација. Безбедносните прашања со кои се соочува Европа, развојот на регионот и македонските интеграции и пречките со кои се соочуваме, биле во фокусот на средбата со претседавачот со Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген.

Мицкоски се сретнал и со хрватскиот голега Андреј Пленковиќ. Разговарале за регионалните прашања, реформите и европскиот пат. Нашата задача е да се избориме за заслуженото место на државата во ЕУ. Хрватска е наш пријател во остварувањето на тие цели, напиша на фејсбук Мицкоски.

Македонскиот премиер веќе се сретна и со претседателот на ЕС, Кошта, на кој му порачал дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за македонските интеграциии. Согласно агендата, Мицкоски ќе се обрати и на финалниот настан од затворањето на конференцијата посветен на ЕУ пристапните преговори на Западниот Балкан, како и панел дискусијата на Форин Полиси каде ќе говори за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво.

Во делегацијата покрај Мицкоски и Муцунски се и министрите Мисајловски, Тошковски и Муртезани.