Македонија
15. February 2025 - 19:45

Муцунски бара дијалог и взаемна почит - Георгиев внесување на бугарите во Уставот за отворање поглавја

Со јасни државни позиции и утврдени црвени линии министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Муцунски и Георгиев, за прв пат седнаа на маса. 

Во едночасовната средба македонскиот шеф на дипломатијата Муцунски изразил жалење дека односите меѓу двете држави остануваат оптоварени со билатерални спорови, а тоа е непринципиелна пречка за македонските интеграции.

Сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со взаемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи покрај другото подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата, порачал македонскиот шеф на дипломатијата.

Муцунски го отворил и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и побарал да се почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Георгиев пак порачал дека градењето добрососедство бара доверба, отворен дијалог и исполнување на обврските. Впишувањето на бугарите во Уставот е единствен услов за чекор напред на македонските интеграции, бил ставот на бугарското МНР.

„Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е можно да се постигне членство во ЕУ. Градењето добрососедство бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските“.

Средбата се случи во услови на затегати односи меѓу двете држави, а значи повторно воспоставување на дипломатски дијалог.

На маргините на Минхенската безбедносна конференција македонската делегација која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, веќе оставари неколку билатерални средби.

Безбедносните прашања со кои се соочува Европа, развојот на регионот и македонските интеграции и пречките со кои се соочуваме, биле во фокусот на средбата со претседавачот со Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген.

Мицкоски се сретнал и со хрватскиот голега Андреј Пленковиќ. Разговарале за регионалните прашања, реформите и европскиот пат. Нашата задача е да се избориме за заслуженото место на државата во ЕУ. Хрватска е наш пријател во остварувањето на тие цели, напиша на фејсбук Мицкоски.

Во делегацијата покрај Мицкоски и Муцунски се и министрите Мисајловски, Тошковски и Муртезани.

Според агендата, Мицкоски ќе се обрати и на финалниот настан од затворањето на конференцијата посветен на ЕУ пристапните преговори на Западниот Балкан.