Македонија
8. October 2024 - 12:22

Во четврток прва седница на ЕСС, ќе се зборува и за покачувањето на минималната плата

Во четврток ќе се одржи првата седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) по формирањето на новата Влада. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска изјави дека со работодавачите и синдикатите ќе се продискутираат сите нивни барања, идеи, критики и предлози, како и барањето за покачувањето на минималната плата.

- Заедно и транспарентно ќе носиме одлуки. Ќе ги видиме и можностите на Владата, но ќе ги слушнеме и работодавачите и синдикатите и ќе донесеме заедничка одлука, рече Дурмиши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, Дурмиши истакна дека според законот покачувањето на минималната плата треба да се случи во март идната година.

- Според законот во март идната година е предвидено да се покачи минималната плата. Таа методологија е усогласена со синдикатите и работодавачите од претходната Влада. Ако не се задоволни од тоа што сами го договориле и потпишале може на првата седница на ЕСС во четврток да кажат дека треба да се менува методологијата и да ги согледаме можностите кои ги имаме, рече Дурмиши.

Ако треба порано да се зголеми минималната плата, како што рече, ќе треба да се менува Законот за покачување на минималната плата и методолгијата.

- Во методологијата има две причини за раст на минималната плата. Првата е 50 проценти од растот на животниот стандард на граѓаните од претходната година и втората 50 проценти од просечната исплатена нето плата од претходната година. Значи ќе треба да се смени оваа методологија, па потоа да можеме да ја покачиме минималната плата пред март идната година, прецизира Дурмиши.

Од Сојузот на синдикати на Македонија и од Организацијата на работодавачи на 1 октомври кога се одбележуваа 100 дена од работата на Владата изразија очекување дека наскоро ќе биде свикана седница на ЕСС. Тогаш од ССМ не сакаа да ги коментираат првите 100 дена од работењето на новата Влада изразивајќи надеж дека ќе биде свикана седница на ЕСС на која ќе им биде кажано што е сработено, а од Организацијата на работодавачи на Македонија посочија дека имале високи очекувања, но дека досега ништо не е направено.