Македонија
30. December 2024 - 14:17

Таравари го оцени јавниот здравствен систем со осумка, вели се дава максимум и се добиваат квалитетни услуги

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека здравствениот систем, од пет до десет, би го оценил со осумка, и порача се дава максимумот за подобро и оти смета дека сепак се добиваат квалитетни здравствени услуги во јавното здравство. 

Во врска со компресорските станици, одговори дека инсталациите се веќе поставени. Се работи интензивно со компанијата што работела, тоа треба да заврши некаде кон крајот на јануари.

- Практично, останат е само апаратот што треба да се постави и добро е тоа што сега ќе имаме бек. Практично новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат, а стариот апарат ќе го поправиме и тоа ќе биде секогаш како поддршка. Доколку се случи нешто на новиот апарат, да не чекаме повторно шест месеци додека се направат одјави, па се најде фирма, па повторно да се работи. Така да, ако се расипе новиот апарат после 10, 15, 20 години, стариот апарат ќе биде тука за да помогне веднаш да се вклучи, појасни министерот.

Операциите, рече, продолжуваат без никаков застој во полна пареа.

Тој посочи дека секаде во регионот, човечките ресурси се проблем, посебно во здравството. 

- Што можеме ние како Влада да направиме, да подобриме услуги и плати, тоа континуирнао го правиме. Не случајно, често специјализанти, потоа нов колективен договор. Ќе видиме сега за идната година и бодовите односно капитацијата за докторите по семејна медицина, некаде во април да се покачат за да бидат мотивирачки, тие да останат да работат и да дадат нивен максимум како здравствени работници. Тоа можеме како МЗ и како Влада. Друго не зависи од нас, истакна Таравари. 

Тој се осврна и на тоа дека има и доктори, кои работат во разни европски држави, а се заинтересирани да се вратат во државата.

- Јас мислам дека ова е доста мотивирачки за нас. Можеби бројката е симболична, тројца. Мислам дека сериозно ќе треба како МЗ и како Влада да размислиме да ги отвориме вратите, барем тие што се поблиску од Хрватска или од Словенија и од другите европски држави. Доколку имаат, на пример, тригодишно работно исксутво во тие држави, си заминале, да бидат отворени вратите во сопствената држава, да се вратат и да ги интегрираме во нашиот здравствен систем, рече министерот. 

Таравари се надева дека веднаш по Нова година ќе се формира комисијата за промени во системот „Мој термин“.  

- Јас се надевам дeка комисијата веднаш по Нова година ќе се формира. Нон стоп работиме на „Мој термин“, ги пoдобруваме секогаш работите по барањата на пациентите. Времето на чекање јас мислам дека е многу помалку сега, во однос на тоа што беше пред шест месеци. Меѓутоа, никогаш не е идеално. За дигитализација треба сериозно да се размислува, тоа беше и една од поентите што сме ги кажале од почеток. Така да, ќе дадеме наш максимум што помалку да биде времето на чекање и што порганизиран да биде „Мој термин“ како софтвер што се користи во здравствениот систем, одговори министерот. 

Тој најави и стратегија, да се види што недостасува и по тие области да се дадат поголем број специјализации, со можности за младите. Се размислувало и за мотивирачки елементи во конкурсот. Како еден млад доктор, на пример да биде мотивиран да оди на патологија.

- Дајте ни време и ние размислуваме во тој правец, како еден млад успешен, лекар кој завршил медицина, да му кажеме, убаво е да помогнете и да работите, да бидете иден добар патолог во државата кој ќе помага на пациенти. Меѓутоа, дајте ни време да видиме како би можеле тоа да го направиме за да тие се насочат према радиологја, патологија, тоа што ни треба најмногу во државата, нагласи министерот. 

Таравари изрази оптимизам дека идната година ќе започнат доградувањето и завршувањето на болниците во Штип и во Кичево, а се осврна и на неколку други приоритети на брифингот со медиумски работници со заменик министерот Јовица Андовски и државниот секретар во Министерството, Бесим Мемеди.