Мицкоски: Ќе се бара одговорност од членови на Судски совет според Устав и законите
Одговорност од Судскиот совет ќе се бара, но во согласност со Уставот и законите. Премиерот Мицкоски вели дека веќе разговарал со правници и уставни експерти за да се најде соодветниот начин.
„Како Влада сигурно дека нема да работиме нешто што е спротивно на законот и спротивно на Уставот. Се разбира, било кој процес што е спротивен на закон и Устав немаме намера да го водиме , па така ниту овој. Но не би се согласил врз основа на оние мислења кои јас ги имам исто така од оваа област и од уставните експерти, дека ова е противзаконски и противуставно, начинот на којшто е потребно да се побара одговорност“, рече Мицкоски.
Премиерот не отстапува од ставот дека лицата кои имаат 2% доверба меѓу граѓаните не треба да земаат плата од нивни пари.
-Граѓаните ги оценуваат со најниска доверба. Ако ние мислиме да им угодиме на овие луѓе и да останат уште подолго таму и уште подлабоко да тонеме во политичкото мочуриште заглавени во сето она што го направија изминатиот период затоа што имаме неколкумина кои не постоеја досега и сега наеднаш се вознемирени и се појавуваат на површина, таква намера немаме да правиме. Ние работиме во интерес на граѓаните согласно закон и Устав, а да, ќе се појавуваат таков тип на т.н. експерти кои ќе толкуваат вака или ќе толкуваат така. Но едно е јасно, а тоа го кажуваат и граѓаните недвосмислено, дека овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“, рече Мицкоски.
Најавите за разрешување на членови на Судски, според СДСМ е чекор кон окупација на судството.
-Мицкоски сака судството да го стави под негова контрола. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на политички прогон преку контролирани судии и судски процеси. Целосно спротивно на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. СДСМ остро ќе се спротистави на ова и ќе направи се да не дојде до оваа окупација на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозицијата
Собранието веќе ја стартуваше постапката за разрешување на 5мина членови кои ги избираат пратениците, откако усвои негативен извештај за работата на Судскиот совет. Овој чекор како основ да се повикаат на одговорност е предвиден и во самиот Закон за судски совет, но спикерот Гаши најави и консултации со Уставниот суд за ова прашање.
Со разрешување од Собранието се соочуваат Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова, Селим Адеми и Миљазим Мустафа, кои се избрани од страна на пратениците. Засега од Судски нема став ниту за негативниот извештај, ниту за најавите за разрешување. Советот подолго време го води потпретседателот, откако Дамева поднесе оставка поради политички притисоци.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар