Увидните дејствија за несреќата во Кочани сѐ уште траат, велат од ЈО
Од Јавното Обвинителство информираат дека увидните дејствија на терен за несреќата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште траат, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска повторно е во Кочани каде што ги координира активностите на тимот обвинители назначен да ги спроведува истражните дејствија. Оттаму најавија евентуална изјава во Основното јавно обвинителство Кочани.
Од ЈО утрово информираа дека обвинителскиот тим е проширен и го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Дополнително, посочија дека синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација.
Исто така, информираа дека во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Мерката краткотраен притвор e процесен институт за обезбедување присуство на лицата за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело, а се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага.
Оваа мерка, предвидена согласно член 170 од Законот за кривичната постапка, може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување истражна постапка.
Тоа му овозможува на јавниот обвинител да го задржи лицето за кое постои сомнение подолго од основните 24-часа полициско задржување.
Смислата на оваа законска одредба е да му овозможи на јавниот обвинител да има доволно време, особено во тешки и сложени предмети, да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите и околностите, како и конкретните својства и дејствија на лицето кои ќе ги испитува понатаму во истражната постапка.
По формалното отворање на истрагата, јавниот обвинител предлага нови мерки за обезбедување на осомничениот, односно краткотрајниот притвор се укинува и најчесто се определува редовен притвор.
За мерката краткотраен притвор во моментов одлучува судија на претходна постапка во Основниот суд во Кочани. Од Јавното обвинителство немаат информации до каде е постапката.
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.
Ново на Сител
-
Во Шведска транспортирани двајца повредени во пожарот во Кочани
-
Двајца од хоспитализираните во Бугарија се екстубирани, еден е на маска за кислород, а останатите се во тешка, но стабилна состојба
-
„Требаше да наполни 25 години, кoj ќе ми го врати мојот син“, потресно обраќање на татко чиј син загина во „Пулс“
-
Со мирен марш струшките средношколци им оддадоа почит на жртвите во Кочани
-
Клековски: Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршено, од утре се фокусираме на планирањето на следните чекори
-
Приведени седум полицајци кои помогнале „Пулс“ да се стекне со лиценца
-
„Ја закопавме маме, сега тебе, која судбина ја имам“, емотивна објава на Марија за нејзината сестра Лепа
-
Мелони: Разговорот меѓу Трамп и Путин создаде надеж за завршување на војната во Украина