Бизнис
13. November 2017 - 17:51

Туристичката понуда на Македонија на „World Travel Market” во Лондон

Пред околу 52.000 посетители, професионалци во туристичката индустрија, купувачи и новинари на Светскиот саем „World Travel Market” во Лондон, меѓу 5.000 дестинации беше претставена и туристиката понуда на Македонија.

Учеството на Саемот го предводеше Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија предводена од директорот Александар Донев.  

Понудата на Македонија беше претставена преку различни видови активности и можностите за одржлив туризам.

- Овој тип промоција ја зголеми визибилноста на Македонија во океанот на дестинации кои се промовираат за време на WTM, а посебно беше поздравена од страна на генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи, информира Агенцијата.

Настанот на кој присуствуваше туристичката елита од целиот свет официјално беше отворен со дискусијата на UNWTO и Министерскиот самит „Растот на туризамот: растот не е непријател, туку како ние го менаџираме“. Во фокусот на Самитот каде присуствуваше и Донев беа проблемите и очекувањата до 2030 година, обезбедувањето одржлив развој, јавни политики и стратегии за справување на притисокот врз природните и културните ресурси, како и зголемување на дијалогот меѓу туризмот и локалните заедници - нивна соработка и координација.

За да продолжи приказната на Македонија во насока на брендирање како уникатна и атрактивна дестинација за светските патувачи, Донев оствари средба со Асоцијацијата за активен туризам (АТТА), а потоа и со Едвардо Сантандер од ЕТЦ (European Travel Commission) чија работа е насочена кон детектирање на последните трендови за промоција.

- ЕТЦ како потенцијални ентитети со кои би можеле да оствариме сорабтока се фокусираат на интернет маркетинг, анализа на пазари и оптимизација на операции, а главната идеа е Македонија за стане дел од европското семејство и да се приклучи на заедничката промоција на Европа како туристичка дестинација, соопшти Агенцијата.

Во рамки на WTM, Донев имаше средби и со голем број тур-оператори од Англија и светот кои изразија интерес за соработка со Македонија, како и бројни медиумски куќи кои го презентираа нивниот капацитет и иновативност која би придонела за промоција на нашата земја.

Моќта на медиумите, трендовите и придобивките од промоцијата на туризмот беа тема на разговор на директорот Донев со Рајан Датар од „The Travel Show” на BBC (следено од 390 милиони гледачи од светот) на која се приклучија и министерите за туризам на Црна Гора и Албанија, Павле Радуловиќ и Бленди Клоси, како и директорот на туристичката организација на Албанија, Ардит Чолаку.

На маргините на WTM се оддржа и „Destination Showcase”, вмрежување организирано од Travel Weekly, каде АППТ на бизнис средби се сретна со околу 90 тур-оператори од Англија на кои ја презентираше својата туристичка понуда. На настанот воведно обраќање имаше директорот Донев, кој го најави учеството на Македонија и го сумираше туристичкиот потенцијал на земјата.

На вториот Интернатционален самит за кризен менаџмент во Лондон, Донев заедно со највлијателните луѓе во туризмот дискутираше за позицијата на лидерот во менаџирањето на кризите и градењето доверба кај туристите и позицијата на дестинациите откако ќе се соочат со криза.

- Иновативни производи и услуги се измислени и се измислуваат за да го намалат негативното искуство на туристот, што е особено важно за Македонија како дел од - турбулентниот Балкан, стои во соопштението од Агенцијата.