ТРИТЕ СЕСТРИ

Loading Video...

Во едно мало место крај Егејскиот брег, започнува приказната за трите сестри. Срдечна и топла како што е и нивниот живот, како што е и нивното воспитување и безгрижните мигови минати по уличките во родниот крај, меѓу пријателите и соседите. Емотивна приказна за Туркан, Донуш и Дерја, три млади девојки кои живеат среќно со својата мајка Несрин и таткото Садик. Но, времето секогаш пишува своја историја, па така и годините кои доаѓаат носат ветришта кои засекогаш ќе ги променат судбините на овие сестри. Деновите кога трите сестри ги споделуваа своите радости, својата среќа и младешки тајни се чини дека завршуваат. И ништо повеќе нема да може да ги врати тие дни.

Богатото семејство Корман ја бара раката на Туркан за нивниот син Сомер. Родителите прифаќаат, Туркан се мажи и заминува во замокот на Корманови, каде набрзо ќе сфати дека сонот кој го сонуваше одеднаш ќе стане вистински кошмар. Сомер не ја сака својата нова сопруга и не може да го прифати тоа што му е наметнато, а таа, невината Туркан ќе се соочи со болната вистина која воопшто нема да биде лесна. Нејзината свекрва по секоја цена ќе реши да го одржи тој брак, а презирот ќе стане мачен и неиздржлив за младата невеста. Таа ќе мора да ги промени нештата и само така да се избори за својата среќа. Среќата која ја имаше во својата родна куќа, покрај своите родители и саканите сестри. Но, тајната која долго време ја криеле родителите на трите сестри е на чекор да биде откриена. Сенките од минатото носат неочекувани пресврти во кои сестрите ќе бидат ставени пред нови искушенија, но и нови разочарувања.

Семејната приказна за „Трите сестри“ е базирана на познат бестселер напишан од турската писателка и глумица која во серијата го толкува ликот на мајката на трите сестри. Серија која за кратко време привлече голем број на обожаватели и успеа да ги спои животните драми во една безвременска телевизиска бајка.