Македонија
21. January 2025 - 16:51

Тик-ток предизвик или несреќа: 11 годишен ученик паднал од третиот кат во прилепско училиште

11 годишен ученик од 6-то одделение кој учел во ООУ „Гоце Делчев“ во Прилеп, вчера околу 14.35 часот паднал од прозорецот од вториот кат на училиштето за време на големиот одмор. Од училиштето преку соопштение истакнаа дека веднаш по известувањето за случката службите заминале на местото на несреќата и ученикот бил во контактибилна состојба, свесен временски и просторно. Директорката Снежана Котева потенцира дека потоа ученикот бил веднаш пренесен со Итна помош прво во прилепската болница, а потоа бил направен негов трансфер на клиниките во Скопје каде заминале и таа и класниот раковидел на ученикот. Откако биле информирани дека детето е добро и надвор од животна опасност се вратиле во Прилеп. Според Котева станува збор за ученик кој е беспекорно послушен, дисципиниран, одмерен и дружељубив, со одличен успех и примерно поведение. Од страна на вработените во училиштето било постапено навремено и правилно, а дежурните наставници најодговорно ја извршувале својата обврска, во однос на дежурствата и присуството во ходниците во училиштето. Но како дошло до несреќата засега не се знае.

Од Итната помош во Прилеп рекоа дека поради сериозноста на повредите било пренесено на Клиниката за детска хирургија во Скопје.

„Екипата на Итна помош интервенираше веднаш, детето беше итно пренесено во одделението за анестезиологија при општа болница Прилеп. Детето беше најдено во полусвесна состојба, легнато беше во дворот. При направените соодветни испитувања се укажа дека детето има фрактура на коска на стапалото и сомнеж за фрактура на неколку прешлени на градите“, рече Боше Милошески, началник на Итна помош Причеп.

Според директорот на Клиниката за детска хирургија Лазе Јовчевски, детето било примено во болницата во текот на вчерашното дежурство, а денес тоа се наоѓало на интензивна нега, во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

„Детето е во стабилна општа состојба, и е надвор од животна опасност. Има некои повреди кои што допрва ќе се доевалуираат и доколку е потребно и хируршки ќе се интервенира“, изјави Лазе Јовчевски, директор на Клиниката за детска хирургија.

Увид веднаш извршиле и екипите на ПС Прилеп.

„Во Одделението за внатрешни работи Прилеп, од страна на лекар од Општа болница Прилеп било пријавено дека кај нив со тешки повреди е донесено 11 годишно дете од Прилеп, според пријавеното 11 годишниот малолетникк се здобил со повредите при пад од третиот кат на училиштето каде што учел. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, додаде Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Според јавното обвинителство во Прилеп во моментов се работи на случајот и според првичните сознанија станува збор за несреќен случај, но сепак истрагата треба да покаже како дошло до падот на детето од прозорецот.