Судски Совет не кажува дали се бара разрешување на Адеми која се жалеше на политички притисок
Се пожали на политички притисоци, па сега и се заканува разрешување. Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која побара помош од американската амбасада, ќе се најде под лупа на Судскиот совет.
Дел од медиумите тврдат дека иницијативата за утврдување одговорност за претседателката на Врховен ја потпишал членот на судски, Миљазим Мустафа. Тој во телефонски разговор за Сител, одби да говори дали иницирал таква постапка – за сите прашања со работата на советот, побара одговори да се бараат во Судски.
Од таму пак ниту потврдуваат ниту негираат дека ќе расправаат за одговорност кај Адеми.. Иницијативите биле тајни и на затворени седници се одлучувало дали за некој судија или претседател на суд ќе се бара одговорност за неговата работа.
Во Врховен, засега немало пристигнато известување од Судски, па не ги коментираат ниту информациите за поведена постапка за одговорност на Адеми.
Во меѓувреме, заменик министерката за правда, повика и двете институции да работат законски. Истата порака, Мадиќ ја испрати и кон своите колеги од власта.
„Препораката што можам да ја дадам и на судскиот совет и на врховниот суд, па и на сите други во извршната власт е дека треба само да го почитуваат законот. Јас не коментирам ставови и одлуки ниту на Судскиот совет, ниту на Врховниот суд или одлука на третата власт во државата“, изјава Викторија Аврамовска-Мадиќ, Заменик министер за правда.
Иницијативата за разрешување на претседателската на Врховен следи по само неколку месеци откако таа ја одби поканата за средба во Судски. Беше повикана лично да им каже на членовите на советот за какви притисоци се пожалила на средбата со американската амбасадорка Агелер.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар