Македонија
26. July 2024 - 16:37

ДУИ не чувствуваат одговорност за измените на Кривичниот законик, ВРЕДИ ги повикаа да признаат дека згрешиле

Од ДУИ не чувствуваат одговорност за последните измени на Кривичниот законик каде беа иземени од кривична одговорност поранешни функционери. Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче јавно се извини, иако од неговата партија беа подносители на измените, од владеачката коалиција ВРЕДИ ги повикаа и ДУИ да си ја признаат грешката.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети вели, од ВРЕДИ немаат капацитет и познавање за Кривичниот законик и само читаат што ќе им напишат на партиско соопштение.

Отворени се за Кривичен законик, по европски регулативи.

ДУИ остана сам, дури и од СДСМ се покаја за измените на Кривичниот законик, реагираат од Коалицијата Вреди.

Претходната гарнитура го смени Кривичниот законик за да ги намали и застаре казните на поранешните функционери, чин кој беше презентиран од ДУИ како усогласување со европските стандарди.

Ова беше уште еден обид за измама на граѓаните и за заштита на нивните лични интереси на штета на правдата и транспарентноста. Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја призна грешката, дали истото ќе го направи и Али Ахмети?

Филипче најави дека ќе достави нов Кривичен законик до Собранието кој го правела поранешата министерка за правда Рената Дескоска, а премиерот Мицкоски пак најави нов закон според европските стандарди.

Измените беа донесени лани во септември, а на повеќе поранешни функционери им застареа делата и им се намалија казните што предизвикаа бурни реакции од домашните експерти и меѓународната заедница. И во последниот извештај на Европската Комисија беа упатени остри критики за овие измени, како сериозен удар врз судството и мотив за корупција.