Македонија
7. December 2023 - 12:18

Струмица ги обновува дрворедите на градските булевари

По предлог на младите Струмица ги обновува дрворедите на градските булевари.Иницијативата започнала за време на реализацијата на велосипедската патека кога биле исечени повеќе дрва кои според општинските власти  биле неплански насадени, некомпатибилни за дрвореди и правеле штета на инфраструктурата. На ова реагирале неколку млади лица по што било договорено за едно исечено да бидат засадени 10 нови дрва.

Младите задоволни што општината го слушнала нивниот глас. Се надеваат дека со оваа иницијатива ќе придонесат за повеќе зелени површини во градот, но и почист воздух.

Од општината најавуваат дека овој проект е само почеток, а процесот на зазеленување, посебно во урбаните делови каде што и потребата е најголема ќе продолжи и во иднина. Во исто време најавуваат дека како институција остануваат  отворени за сите  што ќе го следат теркот на младите и ќе дадат свои предлози и идеи или ќе покренат иницијативи за подобрување на секојдневието на сите граѓани.