Свет
4. July 2016 - 17:06

Столтенберг: По завршување на самитот на НАТО ќе уследат разговори со Русија

НАТО планира одржување на формалните разговори со Русија набрзо по завршувањето на самитот во Варшава, на кој Алијансата ќе поддржи воено зајакнување поради немирите во Украина, изјави денеска генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Во април е одржан првиот состанок на Советот НАТО-Русија, првапат од 2014 година кога практично беа замрзнати односите. Разговорите тогаш завршија со несогласување за прашањата за Украина, како и за другите прашања.

- Советот НАТО-Русија има важна улога како форма за дијалог, а може и да ја зголеми предвидливоста. Затоа се работи на тоа да се одржи уште еден состанок со Русија, набрзо по самитот, наведе Столтенберг во Брисел пред одржувањето на дводневниот самит што почнува в петок.