Македонија
3. November 2016 - 16:03

Стипендии за студентите со најдобар успех на Државниот универзитет во Тетово

Вкупно 116 студенти од прв и од втор циклус студии за академската 2016/ 2017 година со висок просек на положените испити на факултетите при Државниот универзитет во Тетово денеска добија стипендии со кои се ослободуваат од партиципација за студирање.

Стипендиите им ги додели ректорот на ДУТ Вулнет Амети на пригодна свеченост на која присуствуваа дел од наставниот кадар и членови од семејствата на студентите. 

- Им честитам на нашите студенти со највисок просек на оценки кои ги исполниле бараните образовни критериуми за добивање на универзитетските стипендии врз основа на нивниот успех, работа, способности и заслуги. На сите вас ви изразувам благодарност за придонесот во интерес на нашиот и вашиот Универзитет. Исто така, голема благодарност им припаѓа на вашите професори кои со нивниот труд и залагање, професионално искуство и висока стручност, станале дел на вашиот успех и кариера. Над се и пред се посебна почит за вашите роднини и семејства кои ве поддржале за постигнување на вашите успеси и без чија поддршка ќе беа невозможни, изјави Амети

Според ректорот, ДУТ досега поминал низ големи предизвици и постигнал големи успеси во многу области на образовната и научната дејност, но токму активностите од овој вид, како што рече, докажуваат  дека оваа високообразовна институција напредувала многу за образованието и професионалното подготвување на младите генерации во сите области потребни за едно напредно општество.