Собранието не го утврди дневниот ред на новата 71 седница
Собранието денеска работеше по нова 71 седница, за која, и по целодневна расправа, сè уште не е утврден дневниот ред. За збор се пријавени 37 пратеници од опозицијата, а седницата ќе продолжи утре во 12 часот.
Попладнето расправата во Собранието измина во меѓусебни препирки меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеници од опозицијата, поради различно толкување на Деловникот. Ситуацијата се вжешти откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, повикувајќи се на член 70 од Деловникот, рече дека ќе говори 10 минути за да образложи зошто неговиот Предлог-закон за акцизи треба да се најде на дневен ред на 71 седница.
Претседателот Џафери, повикувајќи се на член 77 од Деловникот, му рече дека тој има право во три минути да го образложи предлогот.
По ова, неколку пратеници се јавија процедурално за објаснување на член 70 од Деловникот и зошто Стојановски има право да говори 10 минути.
Претходно на дел од пратениците им беа усвоени предлозите одредени точки од дневниот ред да бидат меѓу првите кои ќе бидат разгледувани, меѓу кои годишните извештаи за 2021 година на Народниот правобранител, на Судскиот совет, на Државната комисија за спречување на корупцијата, потоа Предлог-закон за трговија, како и интерпелација за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Соња Мираковска.
Пред паузата координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара објаснување од Џафери зошто нивните 10 предлог-закони не се нашле на дневен ред на 71 седница.
– Очекував дека дневниот ред на оваа седница ќе го дополните со предолг-законите поднесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, затоа што во четвртокот поднесовме 10 законски решенија, по скратена постапка. Во одредени закони има измена на само еден збор. На пример, во Законот за земјоделство и рурален развој, покрај пченицата како стратешка култура, предлагаме да стои „и оризот“. Вие ќе ми кажете дека овој збор „и оризот“ на службите им треба да го преведат пет дена? Тоа нема да биде одговор, рече Мицевски.
Тој рече дека, согласно Деловникот, законите по скратена постапка, се поднесуваат повеќе од три дена пред почетокот на седницата и оти обврска на претседателот на Собранието е приоритетно да бидат преведени законските решенија, кои треба да бидат составен дел од седницата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека материјалите ги примил на 6 мај, во петокот. Тој рече дека, согласно Деловникот, предлог законите ги разгледал во рок од три дена и ги дал да се преведат.
– Почитувани граѓани, мотото на транспарентот „Активен бојкот за национален спас“, еве кој ви е спасот. За предлогот на дневен ред денеска се пријавени 37 пратеници за да „ве спасат, за наредните три дена да работиме само на усвојување на дневниот ред. Е толку ве мислат, рече Џафери.
На почетокот на седницата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери со транспарент „Активна блокада за национален спас“, по што тој ги повика да седнат на своите места.
На дневен ред на 71 седница се неколку годишни извештаи, повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната, како и предлог – одлуки.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Тони Коњановски, градоначалник на Битола
-
Неолитски населби кај струмичко Костурино и дојранско Црничани
-
Протест против загадувањето на воздухот
-
СДСМ: Власта е виновна
-
Рамиз Мерко остана без пасош – Обвинителството покрена ново обвинение против него за ширење етничка омраза
-
Муртезани: Брисел има разбирање за нас, шансата ни е стабилна влада во Бугарија
-
Примарното здравство пред пензија – помалку од 1400 матични лекари во државата
-
Исходот од пукање петарди може да биде фатален