Македонија
29. August 2016 - 14:00

Собранието ги ратификува спогодбите со Виетнам и Италија

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 111. седница, ги донесе законите за ратификација на спогодбите меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Социјалистичка Република Виетнам за ослободување од визи за носителите на дипломатски или службени/официјални пасоши, како и меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Италијанската Република за размена и заемна заштита на класифицирани информации.

Спогодбата со Виетнам потпишана во 2014 година предвидува осолобдување од визи на носителите на дипломатски и служебени пасоши, додека Спогодбата со Италија од мај годинава ги дефинира органите, постапките и начинот за заштита на класифицираните информации меѓу официјалните институции од двете земји.

За збор околу двете спогодби се јави Лидија Димова од СДСМ. Укажа дека воопшто не е спорно нивното ратификување, но нејасно е, рече, како власта одлучува околу нивниот приоритет.

Според Димова, ако се погледнат статистичките податоци, во последниот период низ Собранието поминале 240 ратификации од кои само 50 се однесуваат на ЕУ. - Тоа зборува колку на владејачката гарнитура и е битно пристапувањето на Македонија во европското семејство, истакна пратеничката од СДСМ.

На тоа реагираа Сашо Василевски и Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ со став дека забелешката на Димова не држи и дека нејзината расправа е беспредметна. 

Собранието денеска треба да ja одржи и 114. седница.