Македонија
8. January 2025 - 16:38

Мехмедовиќ: ХМПВ не е нов вирус и нема потреба за загриженост

По информациите дека во соседна Грција се потврдени случаи со хуманметапневмовирус од кој се регистрирани зголемен број на заболени во Кина и многу хоспитализирани, од Комисијата за заразни болести велат дека нема простор за паника и вознемиреност. Вирусот не е нов, туку прв пат бил  откриен во 2001 година во Холандија случајно кај 28 деца и се работи за респираторна инфекција слична како и респираторниот синцицијален вирус. Мехмедовиќ е категоричен дека метапневмо не треба да се споредува со корона вирусот.

- Не се работи за нов вирус, како што беше САРС Ков2 кој предизвикува Ковид 19 и потенцијалот на овој вирус да направи штета и паника е исклучително ниска и не се очекува да се повтори истото сценарио кое го гледавме пред 5 години со преполни болници. Она што се случува периодов во Кина се голжи на РСИ и останатите вируси кои циркулираат оваа сезона, изјави д-р злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Од ИЈЗ велат дека од 2014 –та година во нивната лабораторија може да се детектира хуманметапневмовирус, а минатата сезона заклучно до мај случајно е откриен кај 9 пациенти при испитување на земени примероци за евентуално присуство на други вируси. 

Ниту Европската унија не се подготвува за нова пандемија, но Европскиот центар за превенција и контрола на болести внимателно ја следи ситуацијата со овој вирус.

- Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели, изјави Ева Хрнчирова, портпаролката на ЕК за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство.

Според доктор Мехмедовиќ ХМПВ најчесто ги зафаќа децата до 5 години и постарите лица поради ослабнатиот имунитет предизвикувајќи горнореспираторни симптоми слични на настинка и грип.

- Доминантно се горнореспираторни симптоми, болки во грлото, затнат нос и течење на носот, црвенило на лицето, покачена температура. Поретки се компликациите како бронхит и пневмонија, а многу ретко се случува смрт, вели д-р Мехмедовиќ од КЗБ.

Инаку поради сезоната на вируси и настинки за време на продолжениот празничен викенд на Клиниката за детски болести бележат зголемен број на пациенти со респираторни, а дел и со гастроентеститални симптоми. Само на едно дежурство имале и по 200 прегледи на болни деца, повеќето биле биле третирани амбулантски.