Македонија
7. January 2025 - 16:29

Сиљановска и Мицкоски на иста линија - Законот за заштита на децата ќе се усогласи со Уставот

Немав намера да употребам вето за да навредам некој јазик или нација, ниту се водев од партиски совети. Претседателката Сиљановска Давкова вели дека забелешките на Законот за заштита на децата се исклучиво според Уставот и очекува Собранието да ги земе во предвид.  

Јас не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување“, изјави Давкова

На иста линија со Сиљановска е и премиерот Мицкоски. Вели двата членови од законот кои предвидуваат двојазични лиценци за работа во градинските се спротивни на Уставот и ќе бидат преработени. 

Мислам дека малку несмасно е тоа направено. Тоа е една формулација којашто ќе се надмине. Инаку се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик, но сите оние кои ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање, тоа сега ќе биде прецизно формулирано согласно Уставот и законите и ќе биде овозможено, изјави премиерот Христијан Мицкоски

Првото вето на Сиљановска изминатите денови го поздравија од опозициските СДСМ и Левица. Од ДУИ порачаа дека се загрижени и разочарани од омразата, недостатокот на волја за соживот и обидот да се потисне албанскиот јазик. Реакција од колаицискиот партнер ВРЕДИ, засега нема.