Свет
4. November 2016 - 11:04

Шулц: Состојбата во ЕУ е загрижувачка

Состојбата во Европската унија не е добра, туку загрижувачка, оцени претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. 

Тој за време на дискусијата на тема „Гласови за иднината на Европа“ во Виена, истакна дека е неопходна јасна распределба на надлежностите и суштинска реформа, дури и измена на спогодбата на ЕУ.

Тој оцени дека храбоста за преземање на тие чекори е ограничена. 

- Имаме центрифугални сили во ЕУ, констатира Шулц и додаде дека поради тоа Европа е загрозена. 

- Во време на глобализацијата Европа се повлекува, наместо да ги прифати тие предизвици, изјави тој, нагласувајќи дека граѓаните повеќе не им веруваат на институциите и оти таа доверба може да биде вратена само со подобра распределба на надлежностите.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека е тешко да се опише ситуацијата во ЕУ. 

- Реалноста е дека многу работи добро функционираат, а за тоа никој не зборува. Многу работи меѓутоа не функционираат, а многу се сфаќаат како нешто што се подразбира, појасни тој. 

Јункер додаде дека често пати не се зема предвид и прашањето за војна и мир.

- Војната стигна на нашите граници, изјави тој во врска со војните во Сирија и во Украина.

Тој истовремено додаде дека Европа е најмал континент, а нејзините граѓани „сметаат дека се господари на светот“.