Шаќири за МИА: Штрајкот никогаш не оди во прилог на образовниот процес и на учениците
Штрајкот никогаш не оди во прилог на образовниот процес и на учениците кои се и мора да останат наш фокус и приоритет. Сите предизвици со СОНК досега сме ги решавале заеднички, на маса и низ конструктивен дијалог. Така ќе биде и овој пат. Иако се услови на криза, здравствена, воена и економска, ние дебатираме со Синдикатот за да најдеме решение од кое ќе нема незадоволни страни. Верувам дека тоа ќе се случи скоро, по што ќе ја информираме јавноста, вели во интервју за МИА министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Во пресрет на најавениот генерален штрајк на СОНК в понеделник, Шаќири кажува дека за три години платите на наставниците се зголемени за над 21 процент – во апсолутен износ од 4.000 денари за наставник со 10 години стаж, и нагласува дека наставниците се најважна алка во воспитно-образовниот процес, а МОН, како што вели, постојано работи на подигнување на нивната мотивација и на подобрување на условите за работа.
За издавањето учебници во деветгодишното образование, за што е во тек Конкурсот, Шаќири вели дека нови учебници дефинитивно се потребни. Педагошката служба продолжува да ги спроведува постапките за набавка на учебници за секое одделение за кое има нови наставни програми, а во моментов тоа е за прво, второ, четврто и петто.
– Сметам дека треба да се набавуваат нови учебници. Сум за дигитални учебници, но сметам дека треба да имаме и печатени. Така секој ќе може да учи на начин, односно преку учебник од кој најмногу му одговара, вели ресорниот министер за МИА.
Во однос на високото образование, Шаќири рече дека во изминатите неколку години е направено многу, основани се нови органи и тела кои треба да обезбедат целосна имплементација на Законот донесен во 2018 година, да понудат препораки за промени и дополнување на образовните политики. За падот на Скопскиот универзитет за неколку места на Шангајската ранг-листа, смета дека треба да биде мотив за поголем ангажман на сите засегнати чинители, но особено на раководниот и наставниот кадар.
– Не само на овој универзитет, туку и на сите останати, заради поголема конкурентност – најпрво тука, на национално ниво, а таа конкурентност ќе значи повисок квалитет во работењето и ќе донесе и подобри позиции во пошироки размери, додаде Шаќири.
Во врска со олеснувањето на антиковид-мерките во образовните установи, министерот во интервјуто апелира, сепак, да остане внимателноста и да се почитуваат насоките од оние кои, како што вели, знаат што е најдобро да се направи во конкретен момент.
СОНК во понеделник ќе стапи во генерален штрајк ако веднаш не се исполни барањето за зголемување на платите согласно со минималната плата и соодветно усогласување на колективните договори во образованието. Владата, пак, соопшти дека ќе има дијалог до постигнување заеднички договор. Ќе се постигне ли во наредните два дена?
– Сите предизвици со СОНК досега сме ги решавале заеднички, на маса и низ конструктивен дијалог. Така ќе биде и овој пат. Наставниците се најважна алка во воспитно-образовниот процес и постојано работиме за зајакнување на таа алка, за подигнување на мотивацијата за работа, за подобри услови за работење и слично. Штрајкот никогаш не оди во прилог на образовниот процес и на учениците кои се и мора да останат наш фокус и приоритет.
Јас ќе потсетам дека за три години платите на наставниците се зголемени за над 21 процент, или во апсолутен износ од 4.000 денари за наставник со 10 години стаж. Воведовме можности за кариерен напредок во звања ментор и советник, воведовме можности за професионален развој преку континуирани обуки што ги спроведува Бирото за развој на образованието. Ги подобруваме инфраструктурните услови и условите за работа внатре во училниците.
Важни измени на Законот за наставници и стручни соработници во училиштата чекаат во Собранието постапка за дебата и усвојување и со нив значително ќе се унапреди дигнитетот на наставничката професија и ќе се врати професорското достоинство. Со една од одредбите предвиден е раст на платите на наставниците со секој раст на минималната плата.
Иако се услови на криза, здравствена, воена и економска, ние дебатираме со Синдикатот за да најдеме решение од кое ќе нема незадоволни страни. Верувам дека тоа ќе се случи скоро, по што ќе ја информираме јавноста.
Во тек е Конкурсот за издавање учебници во деветгодишното образование, новиот состав на Националната комисија за учебници неодамна имаше конститутивна седница. Во оваа учебна година четвртоодделенците почнаа да учат од дигитални учебници, каков е планот за наредната учебна година во однос на дигитализацијата?
– На самиот почеток на мојот мандат како министер за образование и наука реков дека сето тоа што е отпочнато како реформа, согласно програмата за работа на Владата и на МОН и што го дава очекуваниот ефект ќе продолжи да се имплементира, а тоа што не го дава целосно очекуваниот ефект ќе се обидеме да направиме промена или преформулација за да го постигнеме тоа што се очекува.
Нови учебници дефинитивно се потребни. Тезите, теориите се менуваат. Се менуваат научните достигнувања. Се спроведуваат нови истражувања во разни области и се доаѓа до нови резултати и слично. Така што, во учебниците не смееме да имаме застарени содржини, не смееме да имаме содржини кои ќе го отежнуваат учењето затоа што мора да се паметат, односно тераат на фактографско учење, а притоа немаат понатаму никаква примена. Не смееме да имаме учебници со грешки или навреди кон одредени категории на граѓани, или етнички групи, или верски заедници.
Затоа, сметам дека треба да се набавуваат нови учебници. Сум за дигитални учебници, но сметам дека треба да имаме и печатени. Така секој ќе може да учи на начин, односно преку учебник од кој најмногу му одговара.
Педагошката служба продолжува да ги спроведува постапките за набавка на учебници за секое одделение за кое има нови наставни програми, а во моментов тоа е за прво, второ, четврто и петто. Конкурсот е во тек, така што од септември за овие одделенија ќе имаме нови учебници во печатена верзија, а со Бирото за развој на образование и очекувам поддршка од УНИЦЕФ и други партнери, материјалите ќе ги правиме достапни и во дигитален формат, аудиоформат и напишани на Брајово писмо.
Од септември нови наставни програми ќе има за второ и петто одделение, што значи дека се спроведува она што го предвидува Концепцијата за основно образование. Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ бара ревизија на концепцијата со вклученост на работно тело од родители во составот на МОН, како и формирање национална комисија за образование која ќе обезбеди широко учество на јавноста во креирањето и следењето на образовните политики. Имавте и средба со нив, како одговоривте на ова барање?
– Како институција сме отворени за соработка со граѓанскиот сектор во насока на унапредување на воспитно-образовниот процес и обезбедување квалитетно образование за секое дете. Неодамна имав средба со претставниците на оваа иницијатива и ги слушнав нивните барања.
Имаме заедничка цел – да го намалиме јазот помеѓу националниот образовен систем и системите во развиените земји. Да создаваме што поквалитетни генерации на ученици и во таа насока, секоја издржана идеја вреди да се разгледа и понатаму одлучи дали и на кој начин ќе се интегрира во политиките.
Нивните барања се предмет на меѓуинституционална дискусија, бидејќи во реформирањето на образовниот систем не сме сами како министерство, туку во заедништво со низа други институции.
Минатата недела МОН го објави Конкурсот за упис во средно за 2022/2023 – каков е соодносот на слободни места за гимназиско и за стручно образование? Дијалогот што МОН го имаше со општините и компаниите околу уписната политика и нејзино усогласување со барањата на пазарот на трудот резултира со зголемување на бројот на дуални паралелки?
– Стручното образование останува наш фокус и овој пат. И од аспект на развој, и од аспект на промоција на придобивките од истото меѓу младите.
Втора година по ред уписната политика ја креираме преку дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ кој е поддржан од Швајцарската амбасада и преку кој разговараме со општините, училиштата и компаниите, заедно ги детектираме потребите од стручен кадар на локално ниво, ги дизајнираме наставните програми и работиме на поголема промоција на средното стручно образование, затоа што тоа нуди подобра и просперитетна иднина. Нуди брзо вработување по завршување на средното училиште со пристојна плата, но нуди и добра основа за понатамошна академска надградба за секој кој одлучува да не запре со формалната едукација на ова ниво.
Дијалогот дава одлични резултати. Пред две години имавме само 11 дуални паралелки во кои наставата, зборувам за практичниот дел, ја реализираат компании и тоа директно на работно место во нивните производствени и организациски процеси. Годинава има 97 дуални паралелки, а од септември ќе има двојно повеќе, што значи големо приближување на образовниот систем кон барањата на пазарот на трудот. Општеството има потреба од стручен кадар и ние токму тој кадар го создаваме.
Владата пред десет месеци формираше Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. Има ли утврдено приоритети и механизми со кои ќе се развива и одржува квалитетот на високото образование ако се има предвид и податокот дека УКИМ е единствен меѓу нашите универзитети на Шангајската листа и подолу од претходното рангирање?
– За високото образование во изминатите неколку години се направи многу и ќе продолжи да се прави. Мораме да го доведеме системот до ниво кое ќе биде над она оптималното што значи само формално функционирање како систем кој продуцира академски граѓани, туку ќе биде на ниво конкурентно со високообразовните системи во земјите кои веќе имаат универзитети меѓу топ 500 најдобри во светот.
Имаме нов Закон за високо кој ја гарантира универзитетската автономија од кадровски, организациски и финансиски аспект, академската слобода, неусловената научна мисла, еднаквите можности и демократските принципи. Во меѓувреме се основаа нови органи и тела, меѓу кои и Националниот совет за високо образование, кои треба да обезбедат целосна имплементација на законот, да понудат препораки за промени и дополнување на образовните политики.
Платите на 4500 вработени во високообразовните установи во септември 2019 година беа зголемени за 5 отсто, а од октомври и платите на 220 вработени во седумте јавни научни установи за 25 отсто. Од септември 2021 имавме ново зголемување за 10 отсто, а дополнителни 10 проценти од септември оваа година. За оваа цел, Министерството за образование и наука првпат потпиша колективен договор со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, а кон него се приклучи и Независниот академски синдикат (НАкС).
Со речиси 250 милиони денари лани беа поддржани високообразовните и научните установи за модернизација на лабораториските ресурси, а дел од средствата се наменети и за реализација на научно-истражувачки проекти од јавен интерес.
Ова се работи кои значат, мотивираат и кои верувам дека ќе придонесат за подобрување на квалитетот на високото образование.
Инаку, падот на УКИМ за неколку места на Шангајската листа треба да биде мотив за поголем ангажман на сите засегнати чинители, но особено и на раководниот и наставниот кадар, не само на овој универзитет, туку и на сите останати, заради поголема конкурентност најпрво тука, на национално ниво, а таа конкурентност ќе значи повисок квалитет во работењето и ќе донесе и подобри позиции во пошироки размери.
Учениците се ослободуваат од задолжително носење заштитни маски, за студентите се препорачува да се вратат на настава со физичко присуство. Дали е, според Вас, тоа добар знак дека образованието по две години се враќа во старото нормално?
– Сите институции се водат според одлуките кои ги носи Комисијата за заразни болести, затоа што тоа е тело кое ги координира активностите за справување со пандемијата, односно е најмеродавниот орган кој може да направи проценка на состојбата во општеството од здравствен аспект и да каже како да постапуваме. Одлуката за олеснување на дел од мерките кои важеа за основците и за студентите е исто така на предлог на Комисијата, кој претходно беше усвоен од Главниот кризен штаб.
Јас, секако, дека сакам сите граѓани да не носиме повеќе маски, тоа би значело дека сме на крајот или дека завршила една лоша временска етапа во која беа нарушени многу општествени текови и во која едноставно на сите нам ни се променија животите, а голем е бројот и на оние кои ги загубија. Но, сепак, да останеме внимателни додека не се создадат услови за тоа. Да ги слушаме и почитуваме насоките од оние кои знаат што е најдобро да се направи во конкретен момент.
Ново на Сител
-
Филков ја разреши Даниела Алексовска Стојановска од работната група за измените во Кривичниот законик
-
ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со препукувањата за судијката Алексовска Стојановска
-
Собранието со јавна расправа за подобра безбедност во сообраќајот
-
Запленети 1 милион евра во акцијата Вардар, фалсификувани пари пронајдени и во 6 европски држави
-
Проширена истрагата за Адитив - Осомничени уште 8 лица
-
Обвинетите за убиството на Вања еден час ја чекале да излезе од зградата за да ја грабнат
-
Владата сака независно тело да пресметува официјална потрошувачка кошница
-
Инспекторите на терен, деновиве ќе следат првите казни