Македонија
11. August 2018 - 8:23

Селишкар: Има подем на документарниот филм од млади автори, им треба поддршка

Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс по деветти пат ќе се одржува од 16-ти до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музејот на Македонија и во Музејот на современа уметност во Скопје. Како и во изминатите осум изданија, МакеДокс ќе биде пресек на најновото и најкреативното во документарната кинематографија, по избор на селекторката на фестивалот Петра Селишкар.

Режисерката и продуцентка Селишкар во интервју за МИА,  покрај за програмата на фестивалот, зборува и за другите проекти на МакеДокс. За документарниот филм во Македонија вели дека има подем и ентузијазам од млади автори, но смета дека им треба поголема институционална поддршка. 

Што ќе донесе деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и на која тема и земја е годинава фокусиран?

Ова деветто издание на фестивалот е под мотото „Реалноста режира, ние гледаме филмови” (Directing Reality) и фокусот е ставен на режијата во документарниот филм. Последната деценија полскиот документарен филм значително се издвојува во однос на останатите светски кинематографии, така што годинава земја во фокус ќе биде токму Полска.

Од 17 до 22 часот денеска ќе имаме можност да ги проследиме најзначајните полски остварувања во периодот од 60-тите години на минатиот век до денес, во прекрасниот објект на Музејот на современа уметност, чиј творец е познат полски архитект.

Фестивалската селекција е составена од филмови со силен авторски печат од целиот свет, како и од најновите остварувања на полската документарна кинематографија под мотото „Полска во срцето”. Накратко ќе имаме можност да проследиме 70-ина ремек-дела и под смоквата ќе се дружиме и муабетиме со 70-ина гости/автори од целиот свет.

МакеДокс Куршумли ан 1

Во контекст на годинашното мото, младите автори и докуљупци ќе имаат можност да ја споделат својата љубопитност со реномираните автори Војцех Старон од Полска и Пиријо Ханкасало од Финска, кои ќе одржат две тридневни работилници за улогата на режисерот во документарниот филм. Работилниците ќе се одржат од 10 до 13.30 часот во МСУ - од 17-ти до 19-ти ќе се дружиме со Пиријо, а од 20-ти до 22-ри август со Војцех.

Исто така, за време на фестивалот првпат во Македонија ќе се одржи работилница за фотографија со мокар колодиумски процес и сите заинтересирани ќе имаат можност да се пријават и да ги научат вештините на најдревниот начин на изработка на фотографија на стаклена плоча.

Тие, пак, што не се заинтересирани за процесот, но ја сакаат фотографијата, ќе може да добијат свој портрет на стаклена плоча.

МакеДокс портрет

(Портрет на Петра Селишкар, дел од фестивалската изложба насловена „Лицата на МакеДокс”, мокар колодиумски процес)

На неодамна завршената филмска работилница „Докуникулци 2018“ беа избрани четири идеи за документарци. Која е следната фаза - ќе станат ли тие готови проекти?

Првиот дел од работилницата, што се реализираше за време на патувачкото кино на МакеДокс и ДримОн фестивалот во Струга, помина одлично. Одушевена сум со младите докуникулци кои за кратко време успеаја да продрат во суштината на темите што нив ги засегаат и сметам дека без исклучок сите 12 теми/филмови што ги презентираа се вредни за реализација.

Секако, заслуга за ова имаат и ланските докуникулци кои со нивното искуство дополнително придонесоа за мотивацијата и квалитетот. Претстојат уште три модула на работилницата, односно целогодишна работа, а резултатите ќе ги видиме на големото платно на 10-тото издание на МакеДокс во 2019 година.

ДокуНикулци

Оваа година на фестивалот ќе имаме можност премиерно да ги проследиме делата на минатогодишните докуникулци: „Поглед во очите”, „Поинакви” и „Адолесцензура”, на кои многу се гордеам.

Со Патувачкото кино на МакеДокс големото платно стигнува и во најмалите места низ Македонија. Како сте пречекани од жителите и што ви остава најсилен впечаток на тие проекции?

Патувачкото кино е за мене најзначаен, т.е. најдокументарен сегмент на проектот МакеДокс. Покрај навидум најзначајната функција на патувачкото кино - да го децентрализира културниот живот, има една повозвишена функција, односно има еден волшебен момент кој спојува два различни света - урбаниот и руралниот.

Со селаните си поставуваме многу прашања, го делиме ручекот, ги разменуваме обичаите, а децата - игрите, накратко учиме едни од други.

МакеДокс кино

Оваа година се дружевме со Македонци, Власи, Тоски, Геги, Торбеши и многу гастарбајтери.

Фантастични се сите луѓе кои сè уште живеат на прекрасната земја и ја негуваат, но, за жал, сè помасовно ја напуштаат. Оваа немила слика произведува апатија која резултира со еколошка несвесност и затоа оваа година решивме да направиме нешто повеќе.

Македокс еко

Заедно со локалното население и докуникулците направивме еко-акција и на работилницата за рециклирање произведовме хартија што ќе ја искористиме за годинашниот фестивалски каталог.

Како го оценувате македонскиот документарен филм споредено со она што го имаат другите кинематографии? Се снимаат ли доволно и дали е сè во финансиската поддршка?

Во последно време забележувам голем подем на македонскиот документарен филм, се работи за млади автори/ентузијасти, кои редовно присуствуваат на нашите работилници, но, за жал, мал број од нив добиваат поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Имам чувство дека сè уште не се прави вистинска дистинкција во оценувањето и финансирањето на документарниот филм и ТВ-репортажата.

На пример, во поразвиените земји, филмските фондови не поддржуваат односно не финансираат ТВ-репортажи. Тие се финансираат од аудиовизуелните фондови наменети за електронските медиуми.

МакеДокс Куршумли ан 2

Се радувам и верувам дека оваа година ќе биде завршен филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов за собирачите на мед од дивите пчели во Македонија, со работен наслов „Медената земја“. Филмот е поддржан од нашата Агенција, а успеа да обезбеди и меѓународни копродуценти и финансии.

Бирото за развој на образованието го одобри вашиот прирачник „МакеДокс во училница 1“ кој понуди нов пристап во наставата. За кои предмети се применува и дали како проект ќе продолжи?

Прирачникот на МакеДокс за средните училишта во Македонија го имплементиравме во наставната програма по предметите Социологија и Граѓанско образование.

Тој е доста интересен и интерактивен и сметам дека со аудиовизуелен материјал т.е. со документарните филмови, многу поефикасно и поприродно им се приближуваат одредени теми на учениците. Првите прирачници што ги направивме (вториот чека одобрение од МОН) се составени претежно од евро/скандинавски филмови бидејќи тие најмногу финансираат филмови за тинејџери, односно се занимаваат со нивните проблеми и теми.

МакеДокс Учебник

Тоа ни беше мотивација да почнеме со школото докуникулци, и да се обидеме да произведуваме филмови од наш виден ракурс кои подоцна би ги имплементирале во целокупниот образовен систем, вклучително и основното образование. Со тоа учениците би добиле пошироки хоризонти и, се разбира, компаративност во наставата.

Секако, идејата ни е документарниот филм да го имплементираме во официјалното образование и по други наставни предмети, бидејќи сметам дека е одлична алатка за приближување на одредени теми кај учениците. Тоа го спознав за време на моето школување во Словенија, Холандија и Англија.

Хатка Смаиловиќ/МИА