Македонија
14. January 2025 - 16:47

Секоја втора сметка за вода во Гевгелија не е наплатена

Јавното претпријатие Комуналец Гевгелија годишно работи и со над 50% загуби на вода. Државниот завод за ревизија во последниот извештај утврдува серија забелешки за работењето на јавното претпријатие, од кои штета трпи и државниот буџет.

- „Комуналец“ Гевгелија во континуитет се соочува со големи загуби во водоснабдувањето, само половина од испорачаната вода е фактурирана на граѓаните, додека остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка. Овие загуби сериозно влијаат на приходите на јавното претпријатие и на даноците кои се приход на државниот буџет. Од вкупните побарувања по основ на продажба на вода и услуги, 75%, односно над 2 милиони и 800 илјади евра се побарувања постари од 3 години, што укажува на нивна ненавремена наплата, стои во извештајот.

Изградената водоводна и канализациска мрежа во 2023-та не е запишана во катастарот, а за останатите градежни објекти вредни над 5 милиони евра Комуналец Гевгелија не поседува имотни листови.

Покрај ова ревизорите утврдиле незаконско утврдување на платите, односно нивните пресметки се прават според висината на вредноста на бодот за пресметување на платите од 2019 година.

На крајот на истата година, Јавнотo претпријатие му позајмило 600 000 денари на фудбалскиот клуб Кожув Гевгелија, пари кои до денот на ревизијата ниту биле вратени, ниту побарани. Според ревизорите, Комуналец Гевегелија без одобрение од советот на општината и незакоснки стопанисува и со градскиот пазар. 

Поради сето ова, покрај негативниот извештај на ДЗР издадени се препораки и конкретни активности на надлежните институции и одговорните лица за надминување на неправилностите.