Се одржа заедничка седница помеѓу владите на Македонија и на Унгарија, серија билатерални средби на министрите
Заедничка седница се одржа денеска помеѓу владите на Македонија и Унгарија на која се разгледаа и усогласија клучни прашања од заеднички интерес, објави премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил.
- Седницата се одржа по билатералните средби на ресорните министри, кои послужија како основа за продлабочување и зацврстување на соработката, напиша премиерот Мицкоски.
Како што соопшти Министерството за транспорт, економските политики и инфраструктурниот развој на регионот биле во фокусот на средбата на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот унгарски колега Јанош Лазар.
Македонија и Унгарија се пријателски земји со одлични економски и политички односи и во духот на ова пријателство ја продолжуваме досeгашната соработка. Поддршката од Унгарија е значајна и за патот кон Европската Унија и верувам дека оваа наша соработка ќе биде добробит за македонскиот народ, истакнал на средбата вицепремиерот Николоски.
Нагласил дека Македонија има силни инвестициони планови во модернизација на транспортната мрежа и дека во таа насока се реализираат крупни инфраструктурни проекти коишто ќе ја зголемат конкурентноста на транспортот во регионот посебно на европските коридори. Посочил дека земјата е посветена на изградба на брза пруга на Коридорот 10 и на поврзување на Скопје со Будимпешта и дека затоа е важна поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект.
Средбата што се одржа во Будимпешта е дел од посетата на владината делегација на Унгарија каде денеска ќе се одржи и втората меѓувладина седница после онаа одржана лани во септември во Охрид.
Николоски информирал и за забрзаните активности за реализација на крупните капитални проекти, потенцирајќи дека средствата од заемот веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти.
Двајцата министри разговарале и за можноста за реализација на заеднички проекти од регионален интерес, зголемување на трговската соработка и инвестициите. Биле разменети и мислења и ставови во делот на зголемување на билатералните и мултилатерални односи и стабилностa во регионот. Николоски изразил огромна благодарност за несебичноста на унгарската Влада во поддршката што ја овозможуваат за економско зајакнување на Македонија и за процесот на евроинтегративните процеси на земјата.
- Овие средби со нашите унгарски пријатели ќе донесат големи придобивки за Македонија и регионот. И веќе македонските граѓани ги чувствуваат тие придобивки. Алоциравме 100 милиони евра кон општините за нивeн развој токму преку финансиската подршка од Унгарија, а оваа година веќе 250 милиони евра се ставени на располагање исто така за проекти во општините. Имаме одлични економски и билатерални односи со Унгарија, оваа година бележиме три децении од тие односи и сметам дека тоа е плод на заедничките политики. Ова е време кога се потребни силни пријатели, а Унгарија е силен партнер на Македонија и голем подржувач во реализација на стратешките цели на земјата, изјавил вицепремиерот и министер за транспорт.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на фејсбук напиша „Отвораме ново поглавје во одбранбената соработка!“
- Во рамки на унгарско – македонскиот владин самит, на средбата со мојот унгарски колега Кристоф Салај Бобровницки разговаравме за интензивирање на одбранбената соработка, која подразбира зајакнување на капацитетите, но и отвора нови можности при набавките за модернизација и опремување, објави Мисајловски.
Денешната средба, напиша министерот за одбрана, е уште еден чекор во градењето на побезбедна и посигурна иднина, затоа што безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани не е само наша должност – туку е наша обврска.
- Преку Планот за одбранбена соработка и Меморандумот за разбирање, кој е во завршна фаза, ја зацврстуваме довербата и градиме едно силно пријателство. Соработката во делот на воена едукација и обука, образование, размена на информации и изведување на заеднички вежби придонесува кон сето ова. Во јуни оваа година во Охрид ќе бидеме сведоци на изведувањето на заедничка вежба на нашите единици за специјални операции, објави на фејсбук министерот Мисајловски.
Вториот ден од меѓувладиниот самит, напиша на фејсбук министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, носи нови можности за соработка! Заедно со Унгарија градиме посилни економски врски, пријателство и просперитет за нашите граѓани.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски објави дека утрово, во рамки на работната посета на Будимпешта, остварил средба со Левенте Магјар, државен секретар за парламентарни работи и заменик-министер во Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија.
- Во фокусот на разговорите беа тридецениското пријателство и напредокот на севкупните билатерални односи меѓу двете земји, одличната трговска соработка, како и перспективите и предизвиците на процесот на европска интеграција.
Разговаравме за натамошно унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на надворешната трговија и економските можности, напиша на фејсбук минситерот Муцунски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обратил на втората заедничка седница на владите на Македонија и на Унгарија на која потенцирал дека веќе се реализираат плановите и заклучоците донесени на првата заедничка седница која се одржа во Охрид минатата година.
- Врз основа на потпишаниот меморандум за соработка на Центарот за обука на МВР и унгарското полициско училиште очекуваме интензивна соработка во обуката на полициските службеници и планираме таа иницијатива да прерасне во Регионална асоцијација на центри за обука која ќе претставува темел на современото полициско работење и професионализација на полициите од регионот.На билатералната средба со министерот Пинтер договоривме набрзо потпишување на меморандум за соработка во делокруг на заеднички обуки на единиците за посебни полициски операции и борба против тероризмот како и полициските единици задолжени за обезбедување на личности и објекти. Меморандумот очекуваме да го потпишеме во втората половина на 2025 година, истакнал министерот Тошковски, соопштија од МВР.
Во рамките на посетата, утрово, министерот Тошковски одржал состанок со заменикот министер за надворешни работи и трговија на Унгарија, Маѓар Левенте во присуство на дел од унгарската бизнис заедница каде се разгледувале конкретни иницијативи и планови за унапредување на економската соработка.
Тошковски нагласил дека светот влегува во нов поредок со предизвици кон суверенитетот и интегритетот на нациите, предизвици во функционирањето на човековите права и слободи што уште повеќе ја засилува потребата од соработка, меѓусебно разбирање и помош да останеме свои на своето.
Ново на Сител
-
Хаос во српското Собрание - повредени неколку пратеници
-
Паузирана американската воена помош за Украина
-
Средба Мицкоски - Орбан во Будимпешта
-
Османи: Албанците нема да дозволат да се одржат локални избори
-
До локалните избори половина година – партиите веќе на терен
-
Работодавачите не прифаќаат минимална плата од 30 илјади денари
-
15.000 жалби за превисоки сметки за струја: За в четврток најавен протест на жителите на Сингелиќ и Арачиново
-
Одложено судењето за сообраќајката во која загина Теодора Ристовска, обвинетиот бил во болница