Свет
12. December 2016 - 21:55

Русија: САД им овозможија на терористите да ја заземат Палмира

Руското Министерство за одбрана ги обвини денеска САД дека со одлуката да ги запрат активните операции во сирискиот град Рака им овозможиле на припадниците на ИД да ги прераспределат нивните сили во античкиот град Палмира.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков истакна дека нападот на џихадистите врз Палмира покажал дека на терористите не смее да им се дозволи „да земат здив“, јави ТАСС.

Според него, повеќе од 5.000 припадници на ИД покренале офанзива врз сириската војска во областа на Палмира. 

- Во претходните два дена припадниците на ИД покренаа неколку напади врз позициите на сириската војска во областа на Палмира. Терористите напаѓаа од север, исток и југ. Беа повеќе од 5.000 напаѓачи, истакна Конашенков. 

Тој додаде дека џихадистите користеле моторни возила наполнети со експлозив, кои биле управувани од страна на бомбаши-самоубијци, со цел да влезат во Палмира. 

- Првите два силни напади ги спречија сириските сили со помош на руските вуздушни напади. Руските авиони извршија 64 воздушни напади, наведе Конашенков. 

Портпаролот на руското Министерство за одбрана порача дека терористите можат да се поразат единствено со заеднички сили. 

- Тие треба да се соочуваат со притисок од сите страни, така што ќе бидат ограничени и на крајот елиминирани каде и да се, во Сирија, во Ирак или во која било друга земја, заклучи Конашенков. 

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков  претходно денеска изјави дека неподготвеноста на САД да соработува со Москва во Сирија придонела на загубата на сирискиот град Палмира кој „падна во рацете“ на ИД.

ИД вчера повторно ја зазеде Палмира откако сириските вооружени сили се повлекоа од градот кој се наоѓа во источна Сирија, соопшти претходно Сириската опсерваторија за човекови права. 

Џихадистите за кратко време повторно ја презедоа контролата над древниот град откако извеле брз напад врз северното предградие и ја освоиле познатата тврдина над западниот дел на Палмира.